Тетовец осомничен за напад врз невенчаната сопруга, приведени и лица за семејно насилство во Неготино, Велес и Охрид


Триесет и шестгодишен жител на Тетово доби кривична пријава поради сомнение за кривично дело „телесна повреда“, откако, според МВР, психички ја малтретирал и физички ја нападнал својата невенчана сопруга.

Во друг случај во Тетово, полициски службеници го лишиле од слобода Џ.А.(30), по пријава од неговата 25-годишна вонбрачна сопруга дека физички ја нападнал додека се возеле во автомобил. Според пријавеното, тој подолг период физички и психички ја малтретирал и ѝ ја ограничувал слободата на движење. По документирањето на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во Неготино биле приведени Ќ.Ј.(42) и неговата 70-годишна мајка, откако 35-годишна жена пријавила дека била физички нападната од вонбрачниот сопруг, додека неговата мајка ѝ упатувала закани. За случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи.

Во Велес, пак, полициски службеници привеле 69-годишен велешанец по пријава дека во домот физички го нападнал својот 44-годишен син, при што употребил дрвени предмети. При проверките било утврдено дека бил под дејство на алкохол.

МВР информира и дека во Охрид е приведена 37-годишна жена поради пријава дека агресивно се однесувала и физички нападнала малолетен член на семејството.

Во Куманово бил приведен 33-годишен кумановец поради агресивно однесување кон својот татко во семејниот дом, а во Струмица полицијата постапувала по два случаи на семејно насилство. Во едниот случај бил приведен 45-годишен струмичанец кој агресивно се однесувал кон својата сопруга, а во другиот 38-годишна жена пријавила дека била физички нападната од сопругот.

Полицијата презема мерки за целосно расчистување и документирање на сите случаи, по што против осомничените ќе следуваат соодветни пријави.

Back to top button
Close