Четворица возачи лишени од слобода во Тетово и тетовско – возеле под дејство на алкохол, без дозвола и покрај активна забрана

Четворица возачи биле лишени од слобода во Тетово и тетовско откако учествувале во сообраќајни незгоди, а полициските проверки покажале дека управувале возила под дејство на алкохол, без возачка дозвола или за време на активна забрана за управување со моторно возило.

Од СВР Тетово информираат дека на 28 ноември во 11 часот, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово го лишиле од слобода 44-годишниот М.Х. од Тетово. Тој претходно со патничко возило „шкода“ со тетовски регистарски ознаки учествувал во сообраќајна незгода во која имало повредени лица. По преземените мерки било утврдено дека возел под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,92 промили алкохол во крвта, а имал и активна забрана за управување со моторно возило од Б-категорија.

Истиот ден, во 15:25 часот, на регионалниот пат Скопје – Тетово, полицијата го лишила од слобода и 30-годишниот Р.А. од селото Церово, тетовско. Тој со патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки учествувал во сообраќајна незгода со повредени лица, а било утврдено дека управувал без возачка дозвола.

Во трет случај, на 29 ноември во 2:30 часот, на регионалниот пат Тетово – Скопје, во селото Желино, полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода 22-годишниот А.Љ. од селото Ларце и 49-годишниот Б.Ш. од селото Сараќино.

Тие претходно учествувале во сообраќајна незгода со патнички возила „фолксваген голф“, управувано од А.Љ., и „сааб“, управувано од Б.Ш., двете со тетовски регистарски ознаки. По преземените мерки било констатирано дека А.Љ. управувал за време на активна забрана за управување со моторно возило, додека кај Б.Ш. биле измерени 1,94 промили алкохол во крвта.

По документирање на случаите, против четворицата возачи ќе бидат поднесени кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик, информираат од СВР Тетово.

Back to top button
Close