Скршениот мост врз разбрануваната река на минатото

Во географските изохипси на Европскиот социјален пејзаж, Република Македонија е единствено позната по две нешта: љубезното гостопримство на нејзините жители и маркантниот трезор на културното наследство кој, наспроти скромната територијална димензија на државата, манифестира огромна амплитуда на историски и естетски вредности со широк хронолошки распон и со исклучителни визуелни квалитети. Излишно е, во оваа пригода, да посетуваме дека културното наследство е трајно (бесмртно) обележје на цивилизацискиот идентитет и најзначајно социјално портфолио на секоја земја, па оттука, неговата заштита претставува приоритет на сите современи општества кои ја сочинуваат големата заедница на народите. Поради тоа, во ентериерот на Капела Арена во Падова можете да останете само петнаесеттина минути (за да не ги “контаминирате” фреските на Бондоне со дермабактерии или микролушпи од кожното ткиво), во Музејот Клини не смеете да зборувате гласно за да не предизвикате непотребни вибрации, а во Националната библиотека во Париз, долго пред ковид епидемиолошката опасност, мораше да се носи маска при разгледувањето на ракописната збирка на средновековни илуминации. Така цивилизираниот свет во глобалистичката ера на своето постоење ги заштитува творбите/артефактите од ризницата на културното наследство.

Во Република Македонија, од друга страна, се чини дека во последните неколку години постои еден сосема спротивен тренд на погоре посочениот екстрасензорен приод кон споменичното наследство, кој, наместо грижа за уметничките дела и археолошките локалитети, настојува да ги “осамостои” истите, т.е. ги препушта на сопствената грижа и опстанок, односно претпоставува дека ако преживеале 15тина векови (античките) или 6-8 столетија (средновековните), времето ништо не им може, а и ако им може, самите ќе се снајдат. Далеку од тоа дека на уметничките монументи не треба да се гледа како на живи организми кои пулсираат со своите идејни концепти и естетски парадигми, но пежоративноста на актуелната ситуација е повеќе од видлива во принципот бриго моја пређи на другога во моментите на протест и револт, кога авторката на овие редови, ги предупредувала (директно или индиректно, тактички или сосема отворено) институционалните авторитети во државава во повеќе наврати и со мноштво аргументи.

Оштетените покривни конструкции низ кои водата од атмосферските талози се слива врз фрескоживописот (Св. Никола во селото Манастир), колабирањето на куполните структури (Успение Богородичино, манастир Трескавец, каде јужната купола врз егзонартексот се “слизнала“ повеќе од 40 см под својата оригинална архитектонска позиција), одлепувањето на малтерните површини кои капат врз фрескодекорацијата (Св. Архангел Михаил – Прилеп), билките кои растат врз покривните делови на сакралните градби (Св. Богородица Перивлепта, Охрид), уништувањето на влезните врати во црквите со што се овозможува слободна трансмисија на секакви зооморфни видови во ентериерот на храмовите (Св. Богородица во Матејче, кадешто селаните за време на Богородичните празници постојано ставаат дрвени порти купени од нивните земјоделски приходи, кои неповратно исчезнуваат не оставајќи форензичка трага), деградираните црковни фасади кои се ронат (Св. Ѓорѓи во Курбиново), мермерни подови уништени од трагачите по злато (Св. Богородица во Матејче), трагите од животински гнезда во кои поситни глодари го одгледуваат својот подмладок (навистина слатка верверичка живее во северозападниот агол на Курбиновскиот црковен ентериер), облаци од гладни инсекти кои се гостат со ионака трошниот живопис (Св. Богородица во Матејче) се само некои од примерите на негрижа за споменичното наследство од средновековната епоха со кои институционалните авторитети на Република Македонија би се соочиле ако воопшто обрнат внимание на оваа сфера.

Јасно е дека политичките чинители на нашата држава, кои, радосно насмеани, се фотографираат со 50динарката со репродуцираниот лик на Курбиновскиот ангел, не знаат ништо за него, ниту за фрескоживописот на кој тој лик му припаѓа. За нив Курбиново е само една стара црква со фрески која, од за никого разбирливи причини, повеќе од три години чека на својата ревитализација, т.е. на имплементација на конзерваторските активности што треба да ја ресоцијализираат нејзината споменична содржина според препораките на повеќе странски експерти кои го посетија монументот, одржаа свои предавања на Симпозиумот инициран од д-р Панче Велков и реализиран од Управата за заштита на културното наследство пред неколку години со цел овој објект, со исклучителни програмско-иконографски новини во визуелизацијата на тематските содржини на живописот, да добие достоинствен формат на културен споменик со сериозна и атрактивна туризмолошка константа.

Во меѓувреме, раководителот на проектот за конзерваторско-реставраторските процеси на црквата во Курбиново, господинот Ристо Палигора почина по неколкугодишна професионална агонија во обидот да добие институционална потврда за валидноста на своите конзерваторски предлози и/или корекции за нивна поуспешна операционализација. Причините за трагичната опустошеност на чувствата кон еден споменик со врвни естетски обележја е, скромно речено, неразбирлива. Како тежок пациент, кој никако да ја дочека својата операција поради тоа што хирургот со години не е расположен да ја замени аортната валвула од само нему разбирливи поводи, и Курбиново почнува да ја губи битката за својот сопствен опстанок. Но, иако животот на секој човек е исклучително важен, институционалните “хирурзи“ не смеат да заборават дека Курбиновскиот храм живеел повеќе од 800 години пред нивното раѓање и пред нивното позиционирање во, сепак миниливите, општествени структури, а за време на нивното “ординирање“ станал тешко болен. Реферирајќи кон еден медицински авторитет кој вели: не секогаш медикаментозните третмани се успешни, но симптомите никогаш не лажат, би сакала да забележам дека ако некој ги игнорира симптомите, го забрзува тивкото, но сигурно пропаѓање на пациентот; ако името на пациентот е Курбиново, тогаш тој некој ќе го овозможи пропаѓањето на повеќе од 800 години културна историја и драгоцена уметничка креација.

Тој некој, исто така, треба да знае дека Курбиново е само еден од тешките пациенти; црквата во Матејче, ремек-делото на дворскиот византиски ликовен стил од 14 столетие и мавзолеј на царицата Елена (најголемиот сликан ансамбл на македонската територија) ги испушта последните здивови, полека, нечујно и со вонредни напори умира во тешка агонија можеби не во свеста, но во совеста на сите нас. Измасакрирана во времето на воениот конфликт од 2001 година, заборавена од секого во оваа држава, непосетена од никого (освен од ретки ентузијасти) поради целосно уништување на патната инфраструктура која од селото Матејче водеше кон високата кота на која манастирот е позициониран, деградирана до крајни граници: без влезни врати, со раскопан олтарен под, со искршен мобилијар (толку скромен, што никому не би му попречил), со расфрлани отпушоци, со јата инсекти кои брмчејќи (но не во литургиски ритам) летаат во бочните компартименти на олтарот во потрага по ѕидна храна, со изгребани фрески како погубно мементо на некој одамна завршен, но далеку од заборавен настан, со исушени остатоци од животинска екскреција како потпис за социјалната трагедија на еден особено значаен средновековен споменик, оставен во жална и ужасно запуштена состојба. Во него некогаш почивале останките на една царица; денес во него почива срамот на институционалните авторитети, чемерот на еден народ кој ги губи врските со сопственото минато и сé потивкиот дамар на неизбежната смрт.

Проф. д-р Елизабета Димитрова
Институт за историја на уметноста и археологија
Филозофски факултет Скопје

Back to top button
Close