Абазовиќ: Иднината им припаѓа на новите луѓе, убеден сум во победата на Милатовиќ


Црногорскиот премиер со технички мандат, Дритан Абазовиќ, по гласањето во вториот круг од претседателските избори, денеска апелираше граѓаните да гласаат слободно и опуштено, а новиот претседател на Црна Гора да биде избран во достоинствена атмосфера. Притоа тој изрази очекување Јаков Милатовиќ ќе биде избран за претседател.

-Лично, не очекувам никаква неизвесност. Убеден сум дека Црна Гора вечерва ќе го добие новиот претседател Јаков Милатовиќ. Тоа ќе го означи крајот на политиката од 1990-тите во овој регион, и формално и суштински, рече техничкиот премиер по гласањето во Улцињ, соопшти неговиот кабинет.

Абазовиќ оцени дека иднината им припаѓа на нови луѓе кои можат да донесат нова вредност во политичкиот живот на Црна Гора и заеднички да ја градат европската иднина.

-Сите гласајте слободно, опуштено. Уживајте во убавото време во Црна Гора. И се надеваме дека вечерва поразените ќе му честитаат на победникот, а од утре сите ќе ги засукаме ракавите и ќе изградиме поубава и подобра иднина, рече тој.

Back to top button
Close