Ахмети чека наскоро добри вести од Софија, двете земји размениле понуди и документи

Од друга страна, лидерот на ДУИ оцени дека судењето против водачите на ОВК во Хаг е тажен момент за сите Албанци, затоа што на обвинителна клупа, како што вели, е нивната историја

Надеж дека до крајот на годинава ќе има добри вести од Софија во врска со спорот со С Македонија изрази вечерва лидерот на ДУИ Али Ахмети. По подолго отсуство од јавноста, Ахмети, во гостување на ТВ 21 рече дека надминувањето на недоразбирањата меѓу двете земји е прашање на време.

„Не мислам дека е време да споделувам со јвноста за понудите или последните документи кои се разменети, ќе почекаме да ја видиме реакцијата од Бугарија“, рече Ахмети.

Ахмети додаде дека на министерот за надворешни работи Бујар Османи ова му е еден од најголемите ангажмани и убеден е дека тој ќе има резултати.

„Османи е доста активен, очекувам да има резултат. Многу важен момент е за да демонстрира пред сите граѓани, особено пред нашите сожители Македонци, дека ги делиме доброто и лошото, дека ќе стоиме рамо до рамо заедно, и во решавање на овој спор. Ова е клучен историски момент да се види дека оваа земја има министер за надворешни работи и за работата што ја сработи и за зрелоста, му честитам“,

рече Ахмети, кој истакна дека за двете страни, и за Бугарија и за Македонија, приоритет треба да е иднината, а не минатото.

Ахмети, во гостувањето на ТВ 21 зборуваше и за процесот во Хаг против водачите на ОВК, меѓу кои е и доскорешниот косовски претседател Хашим Тачи. Според него, тоа е тажен момент за сите Албанци затоа што на обвинителна клупа, како што вели, е нивната историја.

„Ова е тежок момент но се случи и сега треба да излезат пред меѓународниот суд, за што јас мислам дека не постоеше друго решение, мораше да се чекори по тој пат, бидејќи имаше обвиненија од сите страни“, рече Ахмети.

Ахмети смета дека Албанците треба да се организираат по ова прашање, за да се покријат трошоците за формирање одбрана, но и косовската влада треба да ја завршисвојата работа, затоа што, како што вели, тие што се сега во Хаг, во голема мера придонеле за косовската држава.

Ахмети смета дека судењето не е против четворица поединци, туку против целата организација. Лидерот на ДУИ истакна дека верува во меѓународната правда и убеден е дека ќе ја докажат вистината во судот.

Запрашан дали смета дека во случајот ќе бидат опфатени и други политичари од Албанија и Македонија, Ахмети одговори дека не е обвинител и не знае до каде се стигнати истрагите.

„Но треба да се каже вистината дека косовската ОНА немала добар синџир на команди. Целата ситуација се одвиваше во критичен момент, случајот на масакр на семејството Јашари, со убиството на Адем Јашари, Хамз Јашари и други. Целата ситуација беше многу тензична и проектот на тоа време беше основање на синџир на команда, но тоа не успеа да се материјализира и сите единици делуваа таму каде што се наоѓаа и со опремата која ја имаа. Не успејаа да создадат добар синџир на команди во Косово за раководење на целиот борбен фронт“, рече Ахмети.

Back to top button
Close