Ахмети: Не се разговараше за оставка на Груби
Воопшто не стана збор за оставки, одговори Али Ахмети на новинарско прашање дали се барала оставка од првиот вицепремиер Артан Груби на состанокот кој денеска го одржа Централното претседателство на ДУИ.

„Беше разговарано за принципи, стратегија, за програма, за обврските кои не очекуваат како влада. Но, се разбира треба да се даде отчет и никогаш не сум побарал да се спречи поинаквото мислење, секогаш сум бил поборник и сум охрабрувал работите да се кажуваат отворено со цел секој да ја објасни работата што ја прави. Функционерите се должни да дадат отчет пред органите на партијата бидејќи партијата е таа која ја презема одговорноста, таа бара доверба од граѓаните – изјави Ахмети, пренесе Алсат М ТВ.
Изминатиов период често се зборува за превирањата во ДУИ, главно конфликт меѓу струите во скопската организација на партијата и меѓу членови на пратеничката група и министри односно координаторот на пратеничката група на интегративците Изет Меџити и градоначалникот на Сарај, Блерим Реџепи, од една страна, како предводници на скопското крило, и првиот вицепремиер Артан Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи, од друга страна, кои се најистурените министри од оваа партија.






