Ахмети: По барање на Курти го примив министерот за транспорт на Косово, поради реализацијата на патот кон Призрен
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска одржа прес-конференција на која беше присутен министерот за транспорт на Косово кого Ахмети го примил по официјално барање од косовскиот премиер Албин Курти.
Ахмети изјави дека е разговарано за реализација на проектот за изградба на пат од Тетово до Призрен и нагласи дека во интерес на двете држави е преку официјални разговори да се поттикне економската и друга соработка.
„Во интерес нашата држава е развој на соработаката со Косово како и развој на соработката и со другите соседни земји, зашто треба да имаме предвид дека регионот мина низ конфликти и војни со тешки последици. За да се биде успешен во градењето добри односи со народите и граѓаните, потребна ни е подобра соработка“, рече Ахмети.
Тој рече дека изградата на пат од Тетово до Призрен, кој е проектиран, ќе биде од особен интерес на двете земји.
„Мора да се концентрираме на тоа како да ги развиваме натаму пријателските односи“, нагласи Али Ахмети.
Иако јавноста чекаше реакција од претседателот на ДУИ, Али Ахмети за контроверзните моменти од гостувањето на косовскиот премиер Курти во Скопје и Тетово, настани кои речиси една недела ја брануваат македонската јавност, Ахмети на денешната прес-конференција воопшто не ги спомна настаните, ниту пак беше дозволено да се постават прашања по завршувањето на пресот.