Ахмети повеќе го сака СДСМ за идна влада: Би било од полза да продолжиме истите партнери, но граѓаните одлучуваат

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во вечерашното интервју за емисијата “200” на ТВ Алсат, посочи дека би сакал да продолжи соработката со истите партнери односно со социјалдемократите и во идната влада.

„Сега, јас не сакам да прејудицирам, по моето мислење и процена, би било од полза да продолжиме истите партнери, затоа што има прашања кои сме ги започнале“, одговори Ахмети на прашањето дали се гледа себе си во идното владеење со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ.

На дополнително прашање дека тоа значи оти го преферира СДСМ, тој кратко одговори: „Но, одлучуваат граѓаните“.

Дали може во Влада во која би била ДУИ да бидат и други албански партии, Ахмети рече дека не сака да прејудицира, но оти на него не му пречи.

За понудата за премиер Албанец и за кандидатот Насер Зибери, пак, тој рече дека идејата е на ДУИ, но името на кандидатот не е, но не одговори конкретно дали смета дека другите албански партии ќе го прифатат по изборите.

„Тоа е човек кој не е од редовите на ДУИ. Во својата професија, од 2004 година, и повеќе се занимавал со јавни мислења, анализи и такви нешта“, рече Ахмети.

Тој неколку пати повтори дека се одлучни за идејата за премиер Албанец, но не одговори директно на прашањето што ако не успеат во идејата, каква одговорност ќе понесе тој како лидер.

 

 

 

Back to top button
Close