АХВ се предомисли: Немоќна да се справи со кравите, сега вели дека Митовски е надлежен да ги собере
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро реагира на изјавата на Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, дека локалната самоуправа нема никаква законска надлежност да постапува во справувањето со проблемот со говедата кои лутаат низ градот и нанесуваат штета и на земјоделските поседи и во околните села.

„Го потсетуваме Митовски дека неодговорно е кон сопствените граѓани и жители на паланечките села тој да се иззема од одговорност која ја има во овој случај, бидејќи согласно Законот за јавна чистота, член 14 став 1 точка 11, контролата на одржувањето на јавните површини односно чување и напасување на крупен добиток (вклучително и на говеда) на јавни површини ја има токму Општината. Ако сакаше, Митовски и досега можеше да го реши проблемот, сам или со помош од некои поранешни функционери, негови сограѓани, кои беа во врвот на претходната Влада.
Говедата ниту се размножија во толку голем број за година и половина, ниту може инстантно да се соберат, во услови кога со Агенцијата не соработува Општината која е подеднакво одговорна за решавање на проблемот. Како одговорна институција, во интерес на граѓаните на Крива Паланка и околните села, го повикуваме Митовски конечно да почне да го почитува законот и да соработува со Агенцијата, за трајно решение на реалниот проблем со кој се соочуваат жителите од овој крај“, велат од АХВ.
Од АХВ додадоа дека и во наредниот период ќе продолжи со активности за собирање на животните во интерес на граѓаните на Општина Крива Паланка






