Акција на косовската полиција: Запрен камион кој нелегално влегол во Косово од Северна Македони

Камионот бил со косовски регистрации, а полицијата претпоставува дека во Косово влегол нелегално од територијата на Северна Македонија. Тој бил полн со разни стоки како авто-делови, прехранбени производи и стимулативни медицински средства

Косовската полиција денеска на неколку локации изведе операција за спречување на нелегалната трговија, во чии рамки во село во општина Витина, во близина на границата со Северна Македонија, е запрен и камион полн со разновидни комерцијални стоки, кој нелегално влегол од македонска територија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на косовското МВР се наведува дека во камионот, кој бил запрен во селото Кабаш откако не ја испочитувал претходната полициска наредба да застане, биле откриени различни стоки, како авто-делови, прехранбени производи и стимулативни медицински средства од типот „камагра“.

Со камионот, кој, според соопштението, е со косовски регистарски таблички, управувал косовски државјанин, кој е идентификуван со иницијалите М. М.

„Шверцуваната стока се претпоставува дека е внесена во Република Косово од Република Северна Македонија по илегален пат. По нивниот обид да ја избегнат полициската наредба за запирање, нашите погранични авторитети успеаја да го запрат околу 11:30 часот во селото Кабаш … Вкупната вредност на запленетата стока ќе биде утврдена од страна на Царините на Косово“,соопштија од косовската полиција.

Слична акција косовската полиција денеска изведе и во селото Штрпце, општина Урошевац, при што во неколку трговски објекти се запленети стоки, кои, според полициски извори, се нелегално внесени од Србија.

Back to top button
Close