Ако не е Таравари, тогаш Касами ќе биде кандидат за шеф на државата од опозициската коалиција кај Албанците

Ако Арбен Таравари остане на ставот дека не е заинтересиран да биде кандидат за претседател на државата, тогаш таа трка, за коалицијата на опозициски партии на Албанците, ќе ја трча Билал Касами. Ова во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 го открива лично Касами, лидер на Движењето Беса.

Билал Касами и Арбен Таравари

„Првично беше разговарано да биде г. Таравари, но не е исклучено, има комбинации и јас да бидам“,вели првиот човек на Беса.

Касами тврди дека разговорот со Таравари на оваа тема не е завршен.

„Г. Таравари рече дека не е заинтересиран, но ние не разговараме за лични интереси, за лични претензии, туку разговараме за интересот на Албанците за носење промена. Ако заедно цениме дека г. Таравари ќе биде најдобриот кандидат за претседател, јас целосно верувам дека г. Таравари ќе биде спремен да ја води оваа трка, уште повеќе што во сите разговори што сме ги имале, сите консултации, г. Таравари го истакнуваат како сериозен кандидат да оди во втор круг“,одговара првиот човек на Движење Беса.

Од одлуката кој ќе биде претседателски кандидат зависи и кој ќе ја води пратеничката листа на „Европски сојуз за промени“ (ЕСП) во Изборната единица 6. Ако Таравари е кандидат за шеф на државата, тогаш Касами ќе биде носител на листата и обратно, вели лидерот на Беса.

„Начелно се договоривме лидерите на политичките партии да бидат носители на процесот, што подразбира дека во изборните единици од каде што доаѓаат претседателите на одредени партии тие ќе бидат носители во тие изборни единици. Во Изборната единица 6, каде што сме заедно со лидерот на Алијанса, имаме начелна согласност двајцата да бидеме носители на процесот, се уште не сме одлучиле кој на која позиција ќе биде и согласно ова ќе зависи и нашата одлука за Изборната единица 5. Уште еднаш, пред да видиме каде ќе биде Беса, ние видовме каде е опозицијата која може да донесе промена и кога ќе дојде оваа промена, тогаш ќе ни биде полесно да седнеме и да зборуваме – кој, каде ќе преземе одговорност за владеење со државата“,рече Касами во интервјуто.

Според начелниот договор, носител на листата на ЕСП во Изборната единица 1 ќе биде Изет Меџити, а во Изборната единица 2 – Африм Гаши. Претставникот на Самоопределување, Беким Ќоку, иако е од Струга (ИЕ 5), ќе биде на листата на ЕСП во шестата изборна единица.

Back to top button
Close