Алфа рисрч: Партијата која ја урна владата на Петков, „Има таков народ“ не би влегла во новиот бугарски Парламент

Најновата анкета  на „Алфа рисрч“ покажува дека на предвремени парламентарни избори во Бугарија, доколку се одржат, партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ не би влегла во новото Народно собрание, бидејќи е под изборниот цензус.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, има минимална  разлика меѓу владејачката „Промените продолжуваат“ на Кирил Петков и опозициската ГЕРБ на Бојко Борисов. Причина за тоа е уривањето на бугарската Влада и претседателот на парламентот Никола Минчев.

Поддршката за „Промените продолжуваат“ е 20,2 отсто, и во моментов е за еден отсто помала од таа на ГЕРБ, кои се на прво место со 21,5 отсто поддршка од избирачите.

БСП во моментов е на трето место со 11,5 отсто, а „Има таков народ“ константно губи гласачи и на предвремени избори би останала под цензусот за влез во Народното собрание со 3,3 отсто. „Демократска Бугарија“ би имала 7,1 отсто, а „Препород“ 7,9 отсто, со што двете партии влегуваат во битка за петтото место.

Партијата на поранешниот вршител на должноста премиер на Бугарија „Подем за Бугарија“ на Стефан Јанев би добила пет отсто поддршка.

Нова влада во рамките на актуелниот бугарски Парламент поддржуваат 49,5 отсто од испитаниците, а 46,7 отсто се за предвремени избори во Бугарија.

Рејтингот на претседателот на Бугарија Румен Радев падна за осум отсто поради судирите меѓу партиите од владејачкото мнозинство и владата во оставка на Кирил Петков. Сепак, тој останува најодобуваниот политичар во државата, иако неговиот рејтинг опадна за 8 отсто, од 51 отсто во април на 43 отсто во јуни.

Back to top button
Close