„Алкалоид“ чекор понапред кон целосна дигитализација

Компанијата „Алкалоид“ започна со имплементирање на софтверската платформа AlkaLIMS, која има цел да изврши целосна интеграција на сите лабораториски процеси во компанијата, централизирано управување со податоците и со процесите, нивна следливост поврзана со контрола на производите, регулаторна усогласеност и стимулација за континуирано подобрување.

„Алкалоид“ започна процес на целосна интеграција на сите свои лабораториски процеси во рамките на сегментот ПЦ Фармација, преку имплементирање на современата софтверска платформа AlkaLIMS (Laboratory Information Management System). Спроведувањето на овој нов проект значи интегрирање на сите лабораториски процеси, вклучувајќи ја секоја процесна фаза – од земање примерок до издавање сертификат за анализа на производ во рамките на една дигитална платформа.

AlkaLIMS како софтверско решение се имплементира со цел значително унапредување на повеќе аспекти од лабораториското работење во рамките на Контрола на квалитет, Истражување и развој и Технички опeрации за произвoдство, меѓу кои: зголемување на ефикасноста и на продуктивноста; унапредување на регулаторната усогласеност, на можностите за обезбедување интегритет и следливост на податоците и на процесите поврзани со контрола на производите; централизирано управување со податоци; интеграција на севкупната аналитичка опрема во една платформа; намалување на оперативните трошоци и стимулација на процесите за континуирано подобрување.

Како напредно и отворено софтверско решение, AlkaLIMS нуди можност за тековно надградување со нови модули, во согласност со потребите на компанијата. Партнерска компанија на „Алкалоид“ во овој проект е светски реномираната корпорација LabWare од Соединетите Американски Држави.

AlkaLIMS е од стратешко значење во Профитниот центар Фармација, но и значајна референција во амбициозната агенда на „Алкалоид“ за целосна дигитална трансформација. Kако глобална и иновативна компанија, „Алкалоид“ континуирано ги следи светските достигнувања во развојот на фармацевтската индустрија, а приспособливоста и искористувањето на иновативните технологии се важен императив во насока на унапредување и на усовршување на сите аспекти во работењето.

 

 

Back to top button
Close