Американска пензионерка на 78 години држи 19 рекорди – крева тегови од 180 килограми
– Нора Лангдон е американска пензионерка која веќе 13 години крева тегови, па денес важи за атлетска ѕвезда во својата земја.
Но, тоа не било секогаш така. На 65-годишна возраст, кога се пензионирала, Нора имала тешкотии дури и при качување по скали. Но, тоа ја мотивирало да се врати во форма. Така, како што, пренесува „Ту отро дијарио“, денес бабичката е во состојба да крене 180 килограми, со што држи најмалку 19 светски рекорди.
– Никогаш не одев во вежбалници и не спортував додека не наполнив 65 години, признава таа во американската телевизиска програма „Добро утро Америка“. – Првиот ден кога стапнав во вежбалница, си отидов дома вечерта и си реков дека никогаш нема да се вратам затоа што ми беше премногу… Тогаш слушнав глас кој ми велеше да се вратам. Па, се вратив и еве ме денес!, раскажува таа.
Бабичката сега има и личен тренер и, со постепено зголемување на масата на теговите, се смести на врвот на ранг-листата на жени во нејзината возрасна група, со победи во 20 натпревари.
– Ги победив сите! Немам конкуренција!, гордо вели таа.
Нејзиниот тренер Арт Литл вели дека следна цел ѝ е да направи нешто досега невидено за нејзината возраст – кревање тежина од над 453 килограми.
– Тоа е изненадувачко, затоа што ќе помислите дека кога некој старее, станува послаб. Но, ова не е таков случај, затоа што таа (Нора) своето време го минува во вежбалница и работи напорно, додава Арт.
– Многу луѓе во поодмината возраст, само ќе останат дома, ќе седат и ќе гледаат телевизија откако ќе се повлечат… Но, вие сте родени за да продолжите, сѐ додека Бог не „ве прибере“. Вашето тело е создадено за вежбање и треба да го одржувате во движење за да останете здрави!, вели тој.