Американски воени експерти проценуваат дека шансата Путин да употреби нуклеарно оружје е еден отсто

Официјални претставници на американските воени сили изјавуваат дека засега немаат индикации за тоа дека Русија се подготвува да користи нуклеарно оружје, но два извори запознаени со најновите разузнавачки информации велат дека можноста за употреба на нуклеарно оружје од страна на Русија сега е поголема отколку пред крајот на Студената војна.

Истите извори посочуваат дека малку е веројатно дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да употреби какво било нуклеарно оружје, проценувајќи ја веројатноста за таков епилог на околу еден отсто.

Телевизијата „Си-Ен-Ен“ повикувајќи се на повеќе извори од Пентагон, објави дека армијата на САД внимателно го следи нуклеарниот арсенал на Русија во екот на војната во Украина.

Секретарот за одбрана Лојд Остин неколкупати седмично прима извештаи од генералот задолжен за американското нуклеарно оружје, како и за одбрана од можен нуклеарен напад.

Адмиралот Чарлс Ричард, командант на Стратешката команда на САД, редовно го информира секретарот за одбрана и другите лидери на Пентагон од строго доверливи разузнавачки информации за статусот на рускиот нуклеарен арсенал и за какви било руски потези што би требало да предизвикаат загриженост, велат претставници на Министерството за одбрана.

Извештеите се прибираат од мрежата задолжена да ги следи и анализира изјавите на рускиот претседател Путин и други високопоставени руски функционери.

Back to top button
Close