Американските демократи му поставија ултиматум на Ријад по одлуката за намалување на производството на нафта

Ултиматумот на демократите доаѓа откако Бајден завчера во изјава за Си-ен-ен се закани дека ќе преземе активности за преиспитување на минатонеделната одлука на Ријад да го намали производството на нафта, што според демократите ќе ѝ „помогне на воената машинерија на Владимир Путин“ и ќе им наштети на американските потрошувачи на бензинските пумпи.

Демократите во Конгресот на САД ѝ поставија нов ултиматум на Саудиска Арабија, давајќи му на кралството рок од неколку недели да ја повлече одлуката на ОПЕК плус за намалување на производството на нафта или ќе се соочи со потенцијално едногодишно замрзнување на продажба на оружје од Соединетите Држави, пренесува „Гардијан“.

Ултиматумот на Демократите доаѓа откако Бајден завчера за Си-ен-ен се закани дека ќе преземе активности за преиспитување на минатонеделната одлука на Ријад да го намали производството на нафта, што според Демократите ќе ѝ „помогне на воената машинерија на Владимир Путин“ и ќе им наштети на американските потрошувачи на бензинските пумпи.

Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на Белата куќа, изјави дека американскиот претседател, исто така, ја разгледува можноста за запирање на продажбата на оружје, како дел од пошироката реевалуација на односите на САД со Саудиска Арабија, но дека засега не е направен никаков потег од страна на Вашингтон.

Гневот за одлуката на Саудиска Арабија, како што пренесува „Гардијан“, е многу поочигледна на Капитол Хил, каде што се бараат конкретни мерки за она што се оценува како голема грешка на клучниот сојузник на САД на Блискиот Исток.

Тензиите помеѓу Вашингтон и Ријад и најавите за реевалуција на односите меѓу двете земји би можеле да имаат повеќекратни ефектни кои би оделе подалеку од цените на бензинот. Тие би можеле да се рефлектираат и на нов сојуз меѓу Русија и саудискиот престолонаследник, потоа на преговорите со Иран и на финансиската моќ на Москва за продолжување на војната со Украина.

Некои аналитичари ја толкуваат одлуката на престолонаследникот Мохамед бин Салман како обид да ги промени силите во пресрет на критичните избори за Конгресот на САД, закажани за следниот месец. Сепак, демократите не им придаваат многу внимание на таквите наводи дека Ријад се обидува да се меша во изборите.

Наместо тоа, претставниците на демократите во Конгресот потенцираат дека потегот на принцот Мохамед бин Салман ја зајакнува Русија и на крајот ќе им наштети на сите американски потрошувачи со, како што велат, дрското предавство на Ријад, по децениската поддршка од Вашингтон.

„Ние обезбедуваме толку многу за Саудијците не само во оружје туку и во одбраната, соработката и заедничките одбранбени иницијативи. Тие добиваат речиси 73 отсто од оружјето од Соединетите Држави“ рече Ро Кана, демократски конгресмен од Калифорнија и долгогодишен критичар на кралството.

Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија ги отфрли критиките од Вашингтон во изјава објавена на Твитер вчеравечер и посочи дека ќе остане непоколебан по повиците за промена на курсот. Од министерството наведоа дека ги разгледале и ги отфрлаат изјавите кои сугерираат дека Ријад „зазема страна во меѓународните конфликти“ и дека е „политички мотивиран против Соединетите Држави“. Оттаму додадоа дека сите одлуки биле донесени преку консензус со другите земји на ОПЕК плус „засновани на чисто економска логика“.

Секоја одлука за намалување на продажбата на оружје од страна на Вашингтон, најверојатно, ќе има ефект и врз другите сојузници, вклучувајќи ги Велика Британија и Франција, кои се значајни снабдувачи на Саудиска Арабија со оружје.

Back to top button
Close