Американските власти објавија видео – полицаец застрелал афроамериканка која повикала полиција од страв дека и провалиле домот

Американските власти објавија видео на кое се гледа како бел полицаец од Илиноис пука во лице на афроамериканка, убивајќи ја, откако таа повикала полиција од страв дека има провалник во нејзиниот дом.

Соња Меси (36) беше убиена од полицаецот Шон Грејсон во нејзиниот дом во Спрингфилд, главниот град на државата Илиноис, на почетокот на месецот.

Таа повикала полиција затоа што мислела дека некој се обидува да влезе во нејзината куќа, а Грејсон и негов партнер биле испратени на местото на настанот. За време на разговорот, Грејсон забележал тенџере со врела вода на шпоретот и наредил на Меси да го тргне за да спречи пожар, додека се оддалечувал од жената.

Кога го прашала зошто се движи, полицаецот низ смеа и објаснил дека не сака да се изгори, а таа одговорила дека „ќе му се спротивстави во името на Исус“.Грејсон потоа извадил пиштол и почнал да и приоѓа на жената која се криела зад пултот, и со кренати раце викала „Извинете, извинете“.

Полицаецот пукал трипати во нејзиното лице со изговор дека се плашел да не му фрли топла вода во лице.

Меси починала во истата болница како и нејзиниот предок Вилијам Донеган, кој бил линчуван од белите Американци во немирите во Спрингфилд во 1908 година.

Грејсон е уапсен и обвинет за три точки за убиство од прв степен и е задржан без кауција во очекување на судењето. Гардијан наведува дека ретко се случува полицаец да биде уапсен за убиство на човек, а таков случај не и е познат на пошироката јавност по убиството на Џорџ Флојд во 2020 година, што предизвика масовни протести низ САД.

Back to top button
Close