АНАЛИЗА: Реформа на пензискиот систем, кој ќе го плати “цехот“ ?
Власта и Народната банка ја отворија “пандорината кутија “, на маса се стави прашањето дали идните пензионери, сегашни вработени ќе имаат редовни и целосни пензии од државниот и од приватните пензиски фондови, пишува Порталб. Според аналитичарите, промени во сегашниот пензиски систем се потребни, но од каде треба да почнат реформите и кој ќе ја “плати” сметката за нив.

Повисока старосна граница или повисоки стапки на придонеси
“Пензионерите што во наредните години ќе почнат да се пензионираат преку вториот пензиски столб би можеле да се соочат со непријатно изненадување, нивните пензии да не стигнат ни до минималната пензија што би се исплатувала преку државниот фонд”, оваа изјава на гувернерот Трајко Славески, дополнета со ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека идните пензионери нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки, донесоа “бура” реакции во бизнис, политичките, граѓанските и синдикалните кругови.
Економистите кои ги консултираше “Порталб” велат ваквите изјави мора да бидат прецизно објаснети и аргументирани а не да се сведат на “заплашување” на идните пензионери, сегашните вработени. Државниот пензиски фонд се соочува со проблем, без државни трансфери нема редовна исплата на пензии, но прашањето е дали Владата е подготвена за реформи и какви ќе бидат тие, вели економистот Слободан Најдовски, поранешен политичар.
“Ваквите изјави што ги слушнавме од гувернерот и од премиерот лично, без понатамошно објаснување, ќе се сведат само на некој вид заплашување, мора да се објаснат. Власта е таа што мора да понуди, да најде решение за да не се оствари сценариото за кое зборуваат. Според мене владата ќе се соочи со три можни решенија, првото “бескрајно” со буџетски пари да се покрива дупката во ПИОМ, што и не е решение бидејќи тоа ќе подразбира дефицит во буџетската каса. Второто и третото сценарио подразбираат или зголемување на старосната граница за пензионирање или зголемување на висината на придонесите. ” – вели Најдовски за “Порталб”.
Според најновите податоци од МАПАС, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, трите пензиски фондови чуваат 3 057 467 532 евра на вкупно 630 396 осигуреници. Годишната анализа на МАПАС покажала дека се зголемува и бројот на осигуреници и сумата која се слева во приватните фондови.
“Придонесите уплатени на годишно ниво се зголемуваат кај сите пензиски фондови, најмногу заради зголемувањето на бројот на членовите, како и растот на платите низ годините. Во текот на 2025 година, вкупните средства на задолжителните пензиски фондови пораснаа за 15,65% а на доброволните пензиски фондови остварија сличен раст од 15,84%” – се наведува во извештајот на МАПАС.
Учеството на вкупните средства на пензиските фондови од вториот и третиот столб во БДП е зголемено и достигна дури 18,53%. Според аналитичарите, се работи за исклучително висока сума на пари на осигурениците која надминува 3 милијарди евра, односно за иднината на идните пензионери, поради што ова прашање за можни реформи е чувствително и не смее да биде тема на политиканство.
“Мислам дека засега нема да се посегне по радикални промени кои би значеле некакво укинување на приватните фондови, но исто така сметам дека веќе се прави политички терен за можно зголемување на старосната граница за пензионирање, што веќе беше навестено и од Министерството за финансии” – коментира аналитичар за “Порталб”.
Според Најдовски, состојбата во државниот ПИОМ е нотирана и од страна на ревизорите, решение ќе мора да се бара за да се обезбеди стабилна исплата на пензии за идните пензионери, но се сомнева дека сегашната Влада ќе посегне по суштинска реформа.
“Вториот пензиски столб беше воведен во 2000 година а зад решението стоеше и Светска Банка. Целта беше да се обезбеди долгорочна стабилност на системот но и сигурни и повисоки пензии за идните пензионери. 25 години потоа, зборуваме за голем проблем во пензискиот систем и несвесност за идните пензионери. Мислам дека решението “национализација” на приватните фондови, односно префрлање на парите од кај нив во ПИОМ ќе биде само акутно, ќе се релаксираат финансиите на ПИО но само привремено. Во околности кога населението старее, се зголемува бројот на пензионери а тешко бројот на вработени, проблемите ќе се појават повторно” – објаснува Најдовски.
Додека Владата го опипува “пулсот ” за реформи и најавува експертска анализа за состојбите од страна на Светска Банка, опозициската СДСМ критикува дека со сегашните политики е загрозена стабилноста на пензискиот систем.
“Според плановите на власта, парите кои денес работниците ги уплаќаат во приватните пензиски друштва, треба да се префрлаат назад во државниот фонд – ПИОМ. Ова е крајно опасно. Власта го загрозува вториот столб кој постои токму за да се намали притисокот врз државниот фонд и да се обезбеди дополнителна пензија за идните генерации. Неговото укинување или слабеење значи дека идните пензионери ќе зависат исклучиво од државниот буџет” – оценија од СДСМ.
Реагираше и ССМ.
“ССМ изрази сериозна загриженост поради сѐ погласните дебати за можни пензиски реформи и евентуално зголемување на старосната граница за пензионирање. Особено внимание предизвикуваат информациите дека во рамките на реформите се разгледува и можноста за заминување во пензија на 72 години” – оценија од синдикатот.
“Порталб” ќе објави уште едена тематска “Анализа’ за состојбата во пензискиот систем и потребата од промени со акцентирање на препораките на експертите и можните сценарија за реформите






