Андоновски: Изработено е упатство за наставниците за предизвиците на учениците со социјалните мрежи
Не толку популарна мерка, според министерот за дигитална трансформација, е целосно забранување на овие апликации. Вели дека лично е противник на нарушување на нет-неутралноста и заземање страна во поглед на забрана на апликациите, оценувајќи дека на тој начин постои голема веројатноста децата да се префрлат на некоја друга мрежа
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информира дека е изработено упатство за наставниците во сите основни и средни училишта во однос на предизвиците со кои се соочуваат учениците на социјалните мрежи, особено на социјалната мрежа Тик-ток.
Упатството, како што рече, е споделено со педагошката служба во Министерството за образование и наука, а остварени се и неколку средби со претставници на Министерството.
„Ова упатство ќе биде насочено кон сите наставници во сите училишта, да поразговараат со децата за предизвикот којшто се случува со социјалните мрежи затоа што ова се алатки со неограничени можноси, но за жал, никој од нас никогаш не бил обучен како правилно да ги користи. Тука започнавме со упатството и истото ќе го објавиме на нашата веб-страница, ако не е веќе објавено, има и кју-ар код на истото којшто ве води до корисни веб-страници или алатки коишто родителите можат да ги користат за да го ограничат пристапот на секое од децата, што значи дека може да ограничат во семејството конкретни веб-страници или апликации да, не можат да се симнуваат или да се употребуваат“,изјави Андоновски на денешната прес-конференција.
Ова, според министерот, е првиот чекор. Вториот чекор, како што рече, е формирање центар за побезбеден интернет што дополнително ќе им дава ресурси и помош на децата. Андоновски очекува овој центар да биде формиран до крајот на годината, а во моментов, како што рече се работи на физибилити студија.
Третата и според Андоновски, не толку популарна мерка, е целосно забранување на овие апликации. Министерот вели дека лично е противник на нарушување на нет-неутралноста и заземање страна во поглед на забрана на апликациите. Оценува дека на тој начин постои голема веројатноста децата да се префрлат на некоја друга мрежа.
„Државата не смее да биде таа којашто постојано ќе забранува апликации и со тоа ќе ги наруши демократските принципи на општеството, но ако забележиме дека мерките што сега ги преземаме не се доволни секако можеме да го задржиме правото со одредени измени во Законот за електронски комуникации да преземеме и вакви мерки“рече министерот за дигитална трансформација.