Јаневска: Во најголем дел од училиштата во земјава постои противпожарна опрема, но некаде ќе треба да се дообнови и досреди

Во најголем дел од училиштата во земјава постои противпожарна опрема, но некаде ќе треба да се дообнови и досреди на што активно се работи, порача денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Прецизира дека противпожарна опрема има во сите училишта, но во некои од училиштата, претежно во внатрешноста, се случува противпожарните апарати да не биле проверени во текот на годината иако има обврска еднаш годишно да се проверуваат.

Тие ќе се проверат, а треба да се проверат и цревата за хидрантите дали се на соодветното место и дали се исправни. Тоа е сега во тек, а во тоа голема улога имаат општините зашто со процесот на децентрализација за училиштата се одговорни локалните самоуправи, рече Јаневска во одговор на новинарско прашање каква е состојбата со хидрантите и противпожарните апарати  во основните и средните училишта во земјава, при посетата на основното училиште „Партенија Зографски“ во Кисела Вода заедно со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Прашана дали се предвидуваат обуки за учениците за справување со кризни ситуации како во клубот „Пулс“ во Кочани, рече дека организацијата на такви обуки е во тек.

Во изминатите неколку денови освен што се грижевме за прва психолошка помош во кризните подрачја остварив неколку средби со Црвен крст, Меѓаши и други институции со кои се договоривме да го зајакнеме делот на образованието на учениците како да постапуваат во кризна ситуација. Се надевам нема да ни треба, но знаењето е бесценето и почнуваме да работиме и на тоа, прецизира Јаневска.

Посочи дека и во изминатиот период Црвен крст работеше на образование на младите за давање на прва помош, но не во кризни ситуации како што се пожар, земјотрес,…

Сега ќе го прошириме тоа и ќе го направиме да биде баш така како што треба. Имаме понуда од Германската амбасада да помогне во тоа, секако ќе ја прифатиме и сме во тек на организацијата. Првичниот договор е дека прво треба да ги обучиме наставниците да знаат како да се однесуваат во кризна состојба, а потоа тоа знаење да го пренесат на учениците. Важно е што е почнат процесот и ќе продолжи се додека не биде завршен на територијата на целата земја, посочи Јаневска.

Back to top button
Close