Анкета: Мнозинство од Американците ја подржуваат Украина во конфликтот со Русија
Повеќе од половина од Американците ја поддржуваат Украина во воениот конфликт против Русија, додека околу 44 отсто заземаат неутрална позиција, според најновата анкета на Си-Би-Ес њуз и ЈуГов (YouGov).
Американците се остро поделени и во одобрувањето на работата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Повеќе од половина од Американците или 52 отсто даваат поддршка за Украина во конфликтот со Русија, околу 44 отсто заземаат неутрална позиција, додека, пак, само 4 отсто се на страната на Русија.
Притоа, 46 отсто од Американците сметаат дека Трамп ја поддржува Москва во конфликтот со Киев, додека само 4 отсто веруваат дека тој е на страната на Украина. Околу 43 отсто од испитаниците изјавиле дека Трамп има еднаков однос кон Москва и кон Киев.
Едно од главните прашања во анкетата е дали владините реформи што ги прави администрацијата на Трамп водат кон подобро или полошо. Четириесет отсто од испитаниците сметаат дека тие се за полошо, додека 35 отсто дека се за подобро, 25 отсто, пак, сметаат дека сè уште е рано да се каже.
Американците се поделени и во однос на поддршката на Трамп за кратење на работните места во федералната влада. Оние што ги поддржуваат кратењата се 51 отсто, додека оние што се против се 49 отсто. Од тие што ги поддржуваат кратењата 87 отсто се републиканци, додека од тие што се против, 86 отсто се демократи.
Според анкетата, постои остра поделеност и околу општиот рејтинг на Трамп, односно 51 отсто од испитаниците ја одобруваат неговата работа додека 49 отсто не оспоруваат.
Анкетата е спроведена од 26 до 28 февруари, маргината на погрешност е 2,5 отсто.