Антимакедонски шалабајзери

Зошто ѝ е на опозицијата толку криво што Европската Унија (а и НАТО) ни ги признава македонскиот јазик и нација? Фактот што тие немаат ништо со тоа признавање не би требало да значи дека не треба да се поклонат пред луѓето кои го „фиксираа“ нашето идентитетско постоење, со уредно издаден, чист како стакло „имотен лист“, во двете најзначајни меѓународни организации на европскиот континент! Не е ли тоа остварување и на нивниот, наводен, „историски сон“?!

Да бидеме реални, оваа работа немаше никогаш да им успее на ВМРО-ДПМНЕ. Имаат тие премногу историски „фабрички грешки“, премногу идеолошки шизми и поделби, премногу внатрешни братоубиства и крв до рамена, предавства, кодошлук и идејни конфузии по прашањето на македонскиот идентитет – а и нешто пљачкосани комитски чекмеџиња – за да можеа на ваков спектакуларен начин да ги остварат овие важни меѓународни достигнувања за македонската нација.

За таа неспособност не мора да се консултираат историски читанки и стогодишните апокрифни сведоштва по меѓународните државни архиви, од Истамбул, Ватикан и Москва, до Белград и Софија. Доволно е да ги погледате актуелните полемики што се одвиваат низ предизборните кампањи на десницата, за да ви стане јасна парализирачката какофонија за суштинските, стратегиски интереси на Македонија. Во тие „патриотски“ полемики ќе најдете од тотални наивности и аматеризам, до директни застапувања на туѓи антимакедонски позиции со кои агресивно се предлага поткопување и уривање на елементарните македонски интереси.

Сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ имаше три години за да ја еманципира партијата од сопствениот долгогодишен меѓународен неуспех. Останаа заслепени од омразата кон своите политички опоненти и пропуштија, макар со вербална поддршка, да се „запишат“ во овој блескав историски дострел на современата македонска политика. Напротив, во меѓународниот трилер на шаховскиот турнир за бетонирање на македонските национални интереси, опозицијата додаде уште неколку домашни табли коишто Заев и Димитров со своите соработници мораа да ги „добијат“ во симултанката што ја решија во велемајсторски стил.

Koлумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close