Апасиев: Ќе поднесеме 101 тужба, приговорите со право се отфрлени, си игравме дрндупки

Претседателот на Левица Димитар Апасиев преку Фејсбук информира дека ќе поднесат 101 тужба до Управниот суд. Тој вели дека 1.500 приговори на Левица се отфрлени со право оти си играле дрндупки.

– 1.500 приговори на Левица се отфрлени. И со право. Оти си игравме дрндупки, за да ги соголиме дека немаат појма од толкување на правото.

Но, 500 приговори ни се мериторно ОДБИЕНИ – со образложение дека „не биле впишани никакви забелешки од нашиот претставник во Записникот“!? А, пази, богати – ние приговараме дека сумираните резултати не одговараат во хартиените и во електронски внесените записници!

Впрочем, како би можел нашиот претставник на конретното избирачко место, да претпостави или да знае, дека по неколку часа од затворањето на местото и сумирањето на резултатите – истите ќе бидат погрешно внесени во електронскиот систем на ДИК? Дали е тој видовит, па да знае однапред што ќе се случува во иднина, за да може уште на самото место, прејудициелно и превентивно да „стави писмена забелешка во записникот“!?

Затоа, за да ја доведеме тотално до апсурд искривоколчената логика на неспособните од ДИК, утре – нашиот правен тим – ќе поднесе 101 ТУЖБА до Управниот суд!, пишува Апасиев.

Back to top button
Close