Асад побегна од Дамаск, бунтовниците ја прогласија Сирија за слободна

Бунтовниците во Сирија влегоа во главниот град Дамаск, без да наидат на сериозен отпор. Непосредно пред тоа, сирискиот претседател Башар ал-Асад денеска заминал од Дамаск со авион, напуштајќи го градот во непознат правец, потврдија за „Ројтерс“ двајца високи офицери на сириската армија, пренесува Скај њуз.

Според Рами Абдел Рахман, директор на Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, Асад веројатно ја напуштил земјата.

Илјадници жители на Дамаск се собраа во центарот на градот, пеш или со автомобили, славејќи и извикувајќи „Слобода!“, јавуваат очевидци.

Бунтовниците во изјава наведоа дека го слават „ослободувањето на затворениците“ од воениот затвор „Седнаја“, симбол на режимот на Асад. Затворот се наоѓа во предградијата на Дамаск и беше место каде беа затворени илјадници опозициски активисти.

Претходно, бунтовниците објавија дека го презеле контролата врз клучниот град Хомс, а со влегувањето во Дамаск ставија крај на 24-годишното владеење на Асад. Очевидци јавуваат дека утринава во центарот на градот имало интензивна престрелка, по што телевизијата „Ал Хадат“ извести дека бунтовниците презеле неколку државни објекти, вклучувајќи ја и зградата на државната телевизија.

Во земјоделските подрачја југозападно од Дамаск, локалната младина и поранешните бунтовници излегоа на улиците да ја изразат радоста од падот на режимот. Во Хомс, жителите извикуваа „Асад повеќе го нема, Хомс е слободен!“ и „Да живее Сирија, долу Асад!“.

Бунтовниците ја прославуваа победата со пукање во воздух, а младите го кинеа ликот на Асад на постерите низ градот. Режимот падна само една недела по почетокот на офанзивата на бунтовниците.

Сирискиот премиер Мохамед ал-Џалали изјави дека е подготвен за соработка со секое „ново“ раководство, што ќе биде избрано од народот. Тој додаде дека ќе биде во својата канцеларија за да го олесни „предавањето на власта“.

„Оваа земја може да биде нормална земја, да гради добри односи со своите соседи и со светот […] но тоа ќе биде прашање на лидерство што ќе биде изберано од сирискиот народ, а ние сме подготвени да им помогнеме и да им ги обезбедиме сите можни олеснувања“, рече Ал Џалали во видеото објавено на неговиот Фејсбук профил.

Бунтовничките групи кои утрово влегоа во сириската престолнина соопштија за „бегството“ на „тиранинот“ Башар Асад, повикувајќи ги Сиријците во егзил во странство да се вратат во „слободна Сирија“ и прогласувајќи го „Дамаск ослободен од тиранијата“.

„Тиранинот Башар Асад избега“ и „го прогласуваме градот Дамаск за слободен“, објави оваа коалиција на бунтовнички групи во пораките споделени на апликацијата Телеграм. „По 50 години угнетување под владеење на Баат (партијата) и 13 години злосторства, тиранија и (присилно) раселување… денеска прогласуваме крај на овој мрачен период и почеток на нова ера за Сирија“, додаваат бунтовниците.

Командата на бунтовниците им нареди да не се приближуваат до државните институции, кои ќе останат под надзор на премиерот до „формалниот трансфер на власта“.

Back to top button
Close