Бајден ја повика Русија да го ослободи новинарот на Волстрит џурнал


Американскиот претседател Џо Бајден денеска ја повика Русија да го ослободи новинарот на „Волстрит џурнал“, уапсен под обвинение за шпионажа и кој се наоѓа во притвор во Москва во очекување на судењето.

„Ослободете го новинарот“, рече Бајден додека одговараше на прашања од новинари во Белата куќа.

Весникот „Волстрит џурнал“ повика рускиот амбасадор во Вашингтон да биде прогласен за персона нон грата откако новинар на весникот беше приведен во Русија под сомнение за шпионажа.

„Протерувањето на рускиот амбасадор во САД, како и на руските новинари кои работат таму, би било најмалата работа. Моментот избран за апсење изгледа како провокација пресметана да ги засрами САД и да ги заплаши странските новинари кои се уште работат во Русија“, тврди весникот во уводникот објавен синоќа.

Еван Гершкович (31) беше приведен во Екатеринбург под сомнение за шпионажа. Кремљ тврди дека тој бил фатен „на местото на злосторството“. Новинарот ги отфрли сите обвиненија појавувајќи се пред московскиот суд. Сепак, му беше одреден притвор до 29 мај, а притворот може да биде продолжен до судењето.

Познато е само дека руската Федерална служба за безбедност објави дека со апсењето на Гершкович „спречила незаконска активност“.

Back to top button
Close