Бајден најави удар и на руските олигарси: Ќе го заплениме „нечесно“ стекнатото богатство
Демократијата и слободниот свет ќе победат над тиранијата, порача тој.
„Путин го наруши слободниот свет, мислеше дека ќе влезе во Украина и светот ќе се оттргне. Наместо тоа, тој удри во цврст ѕид. Тој се соочи со украинскиот народ… Путин греши, ние сме подготвени и направивме коалиција, и заедно со ЕУ, Велика Британија и други земји како Јапонија, Австралија, Нов Зеланд, па и Швајцарија, воведовме жестоки санкции за да го отсечеме од неговиот воен буџет“,
рече Бајден.
Американскиот претседател се обрати и до руските, како што рече, корумпирани олигарси со порака „ќе го најдеме вашето нечесно стекнато богатство“.
Истакна дека Министерството за правда на САД оформило работна група која ќе ги истражува криминалите на руските олигарси.
„Заедно со нашите европски сојузници да ги најдеме и заплениме нивните јахти, луксузни станови, нивните приватни авиони. Но, исто така и го затвораме нашето небо за руските авиони“,
рече тој.
Путин, констатира Бајден, сега е поизолиран од кога и да е од остатокот од светот, бидејќи демократиите се здружуваат во борбата против автократијата.
„Најавувам дека ќе им се придружиме на нашите сојузници во затворањето на воздушниот простор на САД за сите руски летови, дополнително изолирајќи ја Русија и додавајќи дополнителен притисок врз нивната економија“,
рече Бајден.
Тој изјави дека САД и сојузниците од НАТО ќе ја бранат секој педа од својата територија во Европа.
„Заедно со нашите сојузници обезбедуваме поддршка за Украинците во нивната борба за слобода. Воена, економска и хуманитарна помош. Ќе продолжиме со помагањето на украинскиот народ во нивната одбрана на земјата и да се намали нивното страдање – кажа Бајден.
Во историјата, рече американскиот претседател, ќе пишува дека војната на Путин против Украина ја направи Русија послаба, а светот посилен.