Бајден во посета на Виетнам со намера да ги зајакне врските со оваа земја
Американскиот претседател Џо Бајден попладнево ќе пристигне во Ханој во обид да ги зајакне односите со Виетнам, а во контекст на се посилното кинеско влијание во регионот, јави ДПА.
За време на 24-часовната посета, Џо Бајден и шефот на виетнамската Комунистичка партија Нгујен Фу Тронг ќе потпишат договор за надградба на дипломатските односи меѓу двата поранешни непријатели во сеопфатно стратешко партнерство – што е највисоко ниво во виетнамската дипломатска хиерархија. Договори за сеопфатно стратешко партнерство Виетнам веќе има потпишано со Кина, Русија, Индија и Јужна Кореја.
– Унапредувањето на врските со „сеопфатно стратешко партнерство“ е повеќе од само симболично, изјави за ДПА Ле Данг Доан, висок економски советник на петте премиери во пензија.
Договорот ќе донесе големи придобивки за двете земји во многу области, вклучително и економијата, трговијата и одбраната, придонесувајќи за мирот и стабилноста во Јужното Кинеско Море, како и во Југоисточна Азија.
Бајден, според американските медиуми, ќе ја искористи посетата на Ханој за да го зајакне својот имиџ на обединувач со изразување почит на животот на починатиот Џон Мекејн, херој од Виетнамската војна, истакнат републиканец и противник на Доналд Трамп. Американските претседател ќе го посети споменикот на Мекејн, кој го означува местото каде што неговиот авион падна на 26 октомври 1967 година. Тешко ранет, борбениот пилот Мекејн, син и внук на адмирал, беше воен затвореник, затворен повеќе од пет години и измачуван. По војната, тој се вклучи во политиката и се активираше во Републиканската партија, служејќи како американски сенатор неколку децении и се кандидираше за претседател во 2008 година, кога беше поразен од Барак Обама и неговиот противкандидат Бајден.
Мекејн, исто така, стекна голема почит од народот на Виетнам за неговата работа градејќи мостови меѓу поранешните непријатели.
Кога Мекејн почина од рак на мозокот во 2018 година, Бајден одржа емотивен говор на неговиот погреб, нагласувајќи дека нивното пријателство ги надминува политичките разлики. – Јас се викам Џо Бајден. Јас сум демократ. И го сакав Џон Мекејн, рече тој, фалејќи го вечниот код на честа на Мекејн.