БАЈ СИ, ПОПЕ

Бај си попе, бај си, јас пак кај мајка ќе си одам. Е така отприлика, вицепремиерот Бојан Маричиќ го претстави најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите. Тие напишале „немате напредок“ и правосудството и борбата против корупцијата ви се катастрофа, а Маричиќ вика добро де, ама дај ние сега да ги ставиме Бугарите во Уставот.

Како да е паднат од друга планета кога вели: „Не постои проблем во овој извештај што не можеме да го решиме во текот на преговорите со ЕУ, но за тоа да го направиме важно е да ја завршиме обрската со уставните измени“.

Значи – само обврската кон Брисел е важна. А каде е обврската кон сопствените граѓани? Каде е обрската кон сопствените даночни обврзници кои им ја обезбедуваат платата и службените патувања до Брисел? Па и ние што останавме да живееме тука сме заслужиле некој да нѐ погледне. Колку од сите оние работи што Европската комисија ги нотирала со „нема напредок“ можеа да бидат завршени изминативе шест години и без ЕУ? Или, барем да имаа напредок?

Да. Иднината е во ЕУ. И да – без поддршка на ЕУ не можат да се завршат некои капитални инвестиции, регионални поврзувања, усогласувања со широкиот пазар… Ама, да не се краде – тоа може и без ЕУ. Да се почитува закон – тоа може и без ЕУ. Власта да ги почитуваа чесните граѓани, а да не ги наградува нечесните – тоа може и без ЕУ. И ѓубрето може да се чисти без ЕУ. На метлите не им требаат европски знаменца. Дали треба да си членка на ЕУ за да паркираш таму кај што е дозволено? Дали треба да си во ЕУ за да можеш на Интернет да си извадиш документ од Матично? Дали треба да си членка на ЕУ за учениците да имаат учебници и свидетелства на време? Дали треба да си членка на ЕУ за да престанеш безмислосно да го распродаваш државното земјиште за да ги усреќиш бизнис другарчињата и да ги унесреќиш граѓаните на кои ќе им го намалиш квалитетот на живот? Дали треба да си членка на ЕУ за да престанеш со партиски пазарења и трупање администрација за да уништуваш национално богатство? Еј, држава без пошта сме. На крстопат на Балканот сме, без излез на море, а останавме без железница. Долг е списокот што сѐ може да се направи без почнати преговори со ЕУ и искрено, веќе ме боли да набројувам.

Ако веќе власта е толку загрижена за обврските кон Брисел, тогаш зошто не го послуша Брисел да не ги шверцува под европско знаменце измените на Кривичниот законик со кој легализираше неказнивост за крадење на високо ниво? Па уште и ни раскажуваат приказни од типот „Побаравме од ЕУ да ни достави информации за Судскиот совет“. Од Брисел да дојдат да ни кажат. Па Судскиот совет е во Скопје. Ги знаеме и членовите на Судскиот совет и судиите и кој со кого е изврзан и кои бизнисмени се замешани и кои политичари се во спрега со бизнисите и судиите… Сите тие се угледни граѓани, интелектуална елита, џанам, крем на општеството. Мала е Македонија, сите се знаеме, не треба Брисел да нѐ запознава меѓусебно.

Каква врска имаат сите оние „нема напредок“ во извештајот на Европската комисија со обврската за уставните измени? Дали ако Бугарите веќе беа внесени во Преамбулата овој извештај ќе беше различен? И далеку поважно: дали оваа држава ќе беше подобро место за живеење отколку што е сега?

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close