Балканските лидери утре во посета на терминалот за течен гас во Александорполис

Терминалот за течен природен гас (LNG) во грчкиот град Александрополис утре ќе го посети грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис заедно со други лидери од Балканот, а според информациите на МИА од Атина, меѓу нив ќе биде и претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски.

Во Грција утре ќе допатува и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој ќе им се придружи на Мицотакис, Ковачевски, Кирил Петков и Александар Вучиќ, јави МИА од Брисел.

Грчкиот премиер за време на владината седница во петокот ја соопшти посетата и ја истакна важноста на конкретниот терминал кој, како што рече, ќе помогне во диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, не само за Грција туку и за регионот.

„Во вторник заедно со други лидери од Балканот ќе бидам во Александрополис на новиот терминал за складирање и гасификација на течен природен гас, многу важен инфраструктурен проект кој во комбинација со други иницијативи, за помалку од 20 месеци ќе ни даде можност целосно да ги диверзифицираме нашите извори за снабдување со природен гас, не само на нашата земја, туку и на целиот Балкански полуостров -рече Мицотакис.

Проектот за гасовод во Александрополис е од клучна важност за ЕУ во момент кога главна цел е независност од рускиот гас.

„Проектот ќе понуди нови извори и рути за набавка на природен гас и ќе ја зголеми безбедноста на набавката во Грција, Бугарија и другите земји во регионот – изјавија од кабинетот на Мишел.

Back to top button
Close