Баро: Ништо не го оправдува американскиот притисок врз Гренланд

Шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро денеска изјави дека ништо не го оправдува американскиот притисок врз Данска поради Гренланд.

-Не може да се преговара за границите на Европа, како и за територијалниот интегритет на земјите од НАТО, рече Баро.

Тензиите меѓу САД и Данска настанаа по посетата на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс во петокот на американската воена база во Гренланд, автономна покраина Данска.

Венс, десната рака на американскиот претседател Доналд Трамп, жестоко ја критикуваше наводната неактивност на Данска во оваа територија, обвинувајќи ја дека „не инвестира доволно во безбедноста на таа неверојатна и прекрасна земја“.

Притисокот на САД врз Данска е „неоправдан особено во однос на безбедноста, бидејќи забораваме да споменеме дека САД имаа 17 воени бази на Гренланд“, рече Баро, додавајќи дека САД сега имаат само една воена база.

Францускиот министер потсети дека со својот дански колега во вторникот потпишал „стратешко партнерство кое ја потврдува посветеноста на територијалниот интегритет и суверенитет на Данска“, благодарение на што ќе се зајакнат билатералните односи, особено во областа на одбраната.

Договорот беше потпишан за време на дводневната државна посета на данскиот крал Фредерик Десетти и неговата сопруга Марија на Франција, која завршува денеска.

Back to top button
Close