Бектеши во Софија договара струја, но доколку Бугарија се согласи за цена 200 евра за мегават час

– Од она што е договорено нашата земја има дозвола од Европската комисија за билатерални преговори со земји членки на Унијата. Во моментов се бара решение за легислативата во Бугарија која предвидува целата произведена електрична енергија во земјата мора да оди на берза, но тоа може лесно да се смени со одлука од Владата или со подзаконски акти. Доколку Република Бугарија ја прифати нашата понуда за откуп на електрична енергија по фиксна цена од 200 евра за мегават час, колку што може да поднесе нашето стопанство, можеме да постигнеме договор, но доколку тие инсистираат да плаќаме по цената која е на берза, нема да се согласиме и ќе продолжиме со нашите домашни капацитети, истакна Бектеши. Јас, потенцира министерот за економија, нема да прифатам да плаќаме базна енергија за наредните седум месеци по цена која е моментално на берзите.

– Тоа е ставот на Владата, преговараме со бугарската страна за фиксна цена која ќе биде до крајот на април и не фиксна цена само во пикови, туку фиксна цена за 24 часа. Што значи тоа – ако цената е 200 евра, тие во ноќните часови ќе добијат 200 евра за мегават час, а има денови кога во ноќните часови електричната енергија не е повеќе од 100 евра, а во пикови во текот на денот може цената да стигне 400 или 500 евра, но тие пак ќе добиваат 200 евра, прецизира Бектеши.

Тој најави дека денеска со претседателот Стево Пендаровски се во Софија каде ќе одржат состанок со претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, и со претставници на Бугарија, на кој ќе биде презентирана оваа последна понуда од македонска страна, пред се поради фактот што цената на производство на електрична енергија во Бугарија е под 100 евра за мегават час, а во нуклеарниот реактор во Козлодуј е и под 50 евра. Во однос, пак, на преговорите со Турција, Бектеши информираше дека имаме понуда за набавка на електрична енергија која е доставена до Стопанската комора со цена која е повисока од нивните барања кои се движат од 150 до 200 евра за мегават час.

– Но, проблемот е тоа што ниту една од заинтересираните компании не ни гарантира дека ако цената на пример би била 250 евра дека тие би ја купиле таа електрична енергија. Ако ние авансно плаќаме за 100 мегавати на електрична енергија по цена на пример од 250 евра и ако тука нашите компании не гарантираат дека ќе ја купат по таа цена тогаш целиот товар ќе падне на државата, и ние не можеме така да се однесуваме со буџетот на државата. Ако платат авансно, тогаш можеме да обезбедиме одредени количини, кажа министерот.

 

Back to top button
Close