Бериша: Косово греши што се обидува да профитира од војната во Украина

 Поранешниот заменик-министер за надворешни работи на Косово, Антон Бериша ги оцени како грешка на косовската дипломатија настојувањата да се профитира од војната во Украина со барања за членство во меѓународни организации, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според косовскиот дипломат, процесите на зачленување во НАТО, во Советот на Европа и во Европската унија треба да претставуваат континуитет во политиката на Владата на Албин Курти, „а не момент кој треба да се искористи за извлекување корист“.

Во интервју за агенцијата КосоваПрес, Бериша изјави дека косовската надворешна политика, последниве година дена, откако е на власт Курти, а ресорното министерство го води Доника Грвала, не забележала никаков напредок, туку само регрес.

-Надворешната политика во минатите година дена не забележа ниеден чекор напред и никаков резултат … Немавме никаков развој, како што се признавањата (на независноста), ниту во односите со ЕУ, во билатералните односи со одредени држави и во развојните односи со регионот. Напротив, имаме заладување на односите со САД, тотална неприсутност со европските држави, како Германија и Франција, изјави Бериша.

Обидите на косовската Влада да профитира во време на воената криза во Украина, вели поранешниот заменик-шеф на дипломатијата, кој е член на секторот за надворешна политика на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, „наидуваат на негодување кај западните дипломати“.

Според него, Косово нема никакви позитивни резултати, туку „само избледување“, и во односите со земјите од регионот, вклучително и со албанската држава. Тој го оценува како „скандалозно“ и однесувањето на косовските официјални лица на надворешен план.

-Во ниедна точка немаме напредување, а освен тоа и претставувањето на нашите официјални претставници е скандалозно, со грешки, било во користењето на дипломатскиот речник, било во темите кои ги третираат, вели Бериша.

Една од причините за тоа, според него, е таа што „сè во надворешната политика се прави во служба на внатрешната политика“.

-Надворешната политика треба да се издвои од внатрешната политика, односно од политичкото профитерство за привлекување гласачи. Кај Албанците, во животот и во традицијата, како и во демократските процеси, не се смета за доблест профитирањето од ситуации … како што е кризата во Украина, изјави Бериша за КосоваПрес.

Back to top button
Close