Бесими ѝ порача на бизнис заедницата дека ќе покаже солидарност, ако го прифати данокот за екстра профит

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска се сретна со бизнис заедницата за да дебатира за иницијативата за воведување данок на екстра профит.

Станува збор за времена мерка што се користи во кризни ситуации за компаниите кои имаат екстра профит, а за што министерот на средбата ѝ порачал на бизнис заедницата дека прифаќањето на ваквото решение од нивна страна ќе биде знак на солидарност во општеството.

 

На средбата со него биле претставници на Стопанската комора, Сојузот на стопански комори, Стопанска комора на Северозападна Македонија и Македонската банкарска асоцијација.

„Иницијативата за воведување данок на екстра профит ги следи и политиките што се преземаат на ниво на ЕУ во изминатиот период, а кои имаат за цел ублажување на директните економски ефекти од наглиот пораст на цените на енергијата врз јавните буџети, крајните потрошувачи и бизнисите во земјите-членки на Унијата. Во духот на транспарентноста и инклузивноста оваа иницијатива сега повторно ја ставаме на маса да ја разгледаме со засегнатите страни, како би избрале модел што е најприфатлив за сите“,рече министерот за финансии.

Тој додаде дека во Министерството за финансии се прават подетални анализа за фискалните ефекти од воведувањето на ваков данок, а се разгледуваат и искуствата од другите земји кои воведоа ваква мерка.

„Станува збор за данок кој е со времен карактер и кој се воведува во услови на вонредни состојби, каква што имаме во моментов со енергетската и ценовната криза. Тоа е решение кое веќе го применија некои од земјите во регионот и Европа. Така меѓу земјите кои воведоа ваква мерка е Велика Британија која најави дополнителен данок на екстрадобивка во висина од 35 отсто во периодот 2023-2028 година за компании од енергетскиот сектор, Унгарија најави оданочување на екстра профит во енергетскиот сектор, финансискиот сектор, авиотранспортот и трговијата на мало за период 2022-2023 година, при што за енергетскиот сектор таа достигнува висина од 65 отсто“,рекол Бесими.

Тој како примери ги навел и Хрватска каде е најавено воведување данок на екстра профит од 33 отсто за сите компании со годишни приходи над 40 милиони евра, а кои оствариле добивка повисока од 20 отсто од нивниот годишен просек за период 2018-2021 година, како и Италија која најави ваков данок во висина од 50 отсто за компании од енергетскиот сектор кои имаат профит повисок од 10 отсто од просекот 2018-2021 година.

Back to top button
Close