Бесими: Усвојувањето на законското решение за ПЛЛ овозможува пристап до 530 милиони евра за справување со кризата

Предлог-законот со кој на РС Македонија ќе и се овозможи пристап до 530 милиони евра средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ денеска доби поддршка во собраниската Комисија за финансирање и буџет. Предложеното законско решение пред членовите на Комисиајта го образложи министерот за финансии Фатмир Бесими, а пристапот на земјата да користи средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност е потврда од страна на ММФ за спроведувањето на здрави политики.

„Обезбедувањето средства преку овој Инструмент е дел од стремежите на Владата на РС Македонија и Министерството за финансии, во овие услови на криза кога на пазарите на капитал се високи цените, да се обезбеди финансирање по најповолни услови. Со Законот е предвидено РС Македонија да има пристап до 530 милиони евра, од кои до крајот на годината треба да се повлечат 110 милиони евра, а наредната 155 милиони евра. Тоа се средства потребни за справување со последиците од енергетската криза и поддршка на граѓаните и стопанството кои се најпотребни во претстојната зима„, истакнува министерот Бесими и додава дека токму затоа е потребно законското решение да ја добие поддршката во Собранието.
Министерот потенцира дека Инструментот за претпазливост и ликвидност е воспоставен во 2011 година и е наменет за земјите членки на Меѓународниот монетарен фонд – ММФ со здрави основи и политики и докажана практика за имплементација на политиките и кои во даден момент може да имаат и потреба од финансирање заради одредени ризици што би можеле да доведат до таква потреба.
Целта, како што додаде министерот, на оваа кредитна линија е да обезбеди ефективна заштита од криза за оние земји членки на ММФ кои имаат здрави економски основи, односно политики.
„За да може една земја да се квалификува да го користи овој Инструмент е да има да има здрави економски основи и институционални рамки на политики; да имплементира и да има докажана практика на имплементирање на здрави политики; и да остане посветена на одржување на таквите здрави политики во иднина.
Според министерот целите за кои се наменети средствата и условите под кои се обезбедуваат се аргумент за да биде поддржано ова законско решение и средствата да може да станат достапни на земјата која се соочува со голем шок предизвикан од глобалната енергетска и ценовна криза.
Одборот на ММФ средствата треба да ги одоби до крајот на овој месец. Предвидено е да се користат во наредните 24 месеци. Рокот на отплата на средствата што ќе се повлечат е утврден на три години и три месеци од повлекување на износот од средствата. Каматната стапка по која се обезбедуваат средствата во овој момент изнесува од 3,66 до 4,66 %.
Ова е само еден од начините на кој оваа година се обезбеди финансирањето на буџетскиот дефицит. Моделот кој се примени од страна на Министерството за финансии и Владата овозможи заштеда само по основ на камата од 40 милиони евра годишно.

Back to top button
Close