Бездомното куче Чопер повторно е кај газдите и утре ќе патува за Германија
По објавувањето на сторијата за Чопер на Мета.мк, во 1 часот наутро ни пишаа луѓе кои нè известија дека кучето се наоѓа кај нив, во населбата Шуто Оризари. Со наше посредство, неговите сопственици од Виетнам со привремен престој во Скопје успеаја да си го земат бездомното куче Чопер, и сега тој конечно ќе може да отпатува во Германија заедно со нив
Неколку часа траеше патешествието додека кучето Чопер, по кое македонските граѓани трагаа со денови, а кое повторно се најде во рацете на неговите сопственици кои се со потекло од Виетнам, а со привремен престој во Скопје. Тие утре, в сабота, заедно со бездомното куче од скопските улици, ќе отпатуваат за Германија.
По објавувањето на сторијата за Чопер на Мета.мк, во 1 часот наутро ни пишаа луѓе кои нè известија дека кучето се наоѓа кај нив, во населбата Шуто Оризари. Тие ни рекоа дека го нашле како талка по скопските улици и дека веќе неколку дена се грижат за него. Со наше посредство, во 2 часот утринава, неговите сопственици успеаја да си го земат Чопер и сега тој конечно ќе може да отпатува заедно со нив во Германија, бидејќи веќе ги поседува сите потребни документи.
Сторијата за Чопер предизвика големо внимание, откако видео креаторот и јутјуберот Филип Ву со потекло од Виетнам, објави вирално видео на социјалните мрежи дека кучето му се загубило, а тој планирал да си го земе со него, откако три месеци го чувал во Скопје.
Видеото имаше над 450.000 прегледи на Инстаграм, а Мета.мк претходно разговараше со Филип Ву, кој очајно, со денови, трагаше по него.
„Престојувавме во Охрид, во планински дел, имаше многу животни кои поминуваа, но имаше едно куче кое постојано доаѓаше до куќата каде што престојувавме. Му дававме храна и потоа решивме да го чуваме и го донесовме во Скопје со нас“, објасни тој.
Филип за време на неговиот престој го вакцинирал и чипирал кучето и ги извадил сите потребни документи. Дополнително, за да може да го понесе со него во Германија, се вратил до таму и купил кола за да може да патува со кучето.
Но, додека возел кон Македонија, пријателката со која престојувал Чопер му соопштила дека тој се изгубил.
„Специјално се враќав во Германија да купам кола за да можам да го земам кучето и да го однесам таму. Но, по пат, за жал, дознав дека тој се изгубил“, раскажа Филип за Мета.мк.
По објавувањето на сторијата на Мета.мк, добивме порака од семејство од Шуто Оризари дека кучето се наоѓа кај нив, а откако им ги испративме фотографиите на сопствениците на Чопер, тие се уверија дека станува збор за нивното куче. Час и половина подоцна, успеавме да го соединиме Чопер со неговите сопственици.
„Немаме зборови како да ви се заблагодариме. Конечно, утре, в сабота, заедно со Чопер тргнуваме за Германија. Немавме никаква намера да се откажеме од него. Вечерва конечно мирно ќе спиеме“, ни изјавија неговите сопственици.
Среќата на Чопер сепак на крајот му се насмевна и од бездомно куче кое талка по улиците, сега ќе има свој дом и живот во Германија.