Безос изгуби повеќе од 20 милијарди долари за само неколку часа

Поради лошите деловни резултати, акциите на Амазон во петокот завршија во црвено, а тоа најмногу го погоди најголемиот акционер на компанијата Џеф Безос.

Гигантот на онлајн продажбата Амазон објави дека првите три месеци од оваа година ги завршил со загуба поради инвестициите во производителот на електрични автомобили Ривиан, но предупреди и на повисоки трошоци и помала продажба.

Компанијата забележа нето загуба од 3,8 милијарди долари во првиот квартал. Во истиот период минатата година работеше со нето добивка од 8,1 милијарди долари.

Од Амазон истакнуваат дека загубата на почетокот на оваа година најмногу е поврзана со загубата на вредноста на инвестицијата во производителот на електрични автомобили Ривиан пред даночното одбивање од 7,6 милијарди долари, пренесува Пословни дневник.

Оперативниот профит е повеќе од преполовен на 3,7 милијарди долари, според извештајот објавен во четвртокот.

Нето приходите се зголемија за седум отсто на 116,4 милијарди долари, што ги одразува добрите перформанси на веб-услугите на Амазон во секторот за клауд компјутерско работење.

Нето-продажбата на производи благо падна, за два отсто, на 56,5 милијарди долари.

Оперативните расходи се зголемија за 12,8 отсто на 112,8 милијарди долари.

-Трошоците на Амазон се за околу шест милијарди долари повисоки од минатата година, главно поради повисоките трошоци за плати и гориво, што е 1,5 пати поскапо од пред една година, изјави за новинарите финансискиот директор Брајан Олсавски.

Во вториот квартал компанијата би можела да оствари оперативна добивка од три милијарди долари, но и оперативна загуба од една милијарда долари, проценува менаџментот. Во вториот квартал од минатата година таа изнесуваше 7,7 милијарди долари.

Минус почувствуваа и акционерите на компанијата, а најлошо настрада најголемиот акционер Џеф Безос. Според Fortune, тој изгубил повеќе од 20 милијарди долари за само неколку часа.

Тоа е голема сума, но секако не треба да се грижиме за состојбата на неговите финансии, бидејќи тој се уште е „тежок“ речиси 150 милијарди долари. Што се однесува до цела година, Безос е во голем дефицит, а од почетокот на 2022 година е во дефицит од речиси 44 милијарди долари.

 

 

Back to top button
Close