БГНЕС: Министерката со бугарски пасош управувала со сомнителна компанија во Бугарија
Македонската министерка за енергетика Сања Божиновска беше управител на бугарската компанија „РУДНАП ГРУП БУГАРИА“ во периодот 2012-2014 година, пишува БГНЕС
Компанијата е единствен сопственик на капиталот „ALTARIA RESEARCH“, странско правно лице со седиште во Кипар. Кипарската компанија е во сопственост на српскиот државјанин Воин Лазаревиќ.
Во периодот кога Божиновска беше менаџер на „РУДНАП ГРУП БУГАРИЈА“, компанијата извезуваше струја во Србија, Грција, Романија и Македонија. Во 2014 година со одлука на Комисијата за регулирање на енергетиката и води, лиценцата на „РУДНАП ГРУП БУГАРИЈА“ и беше одземена.
Во периодот 2011-2014 година преку РУДНАП како приходи поминале околу 250 милиони лева.
Бугарската агенција нагласува дека Сања Божиновска е меѓу најблиските министри на премиерот Христијан Мицкоски и додава дека оваа „влада одржува однесување на постојани провокации кон Бугарија и кон Европската унија, за сметка на политичко и економско зближување со Србија“.
БГНЕС потсетува дека во првите 100 од владата на Мицкоски Европската унија донесе одлука да ја оддели Северна Македонија од Албанија и да и даде шанса на Тирана да започне преговори за членство поради одбивањето да направат уставни измени со вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав.
– Податоците покажуваат дека во изминатите 15 години, речиси 140 илјади граѓани на Северна Македонија се стекнале со бугарско државјанство со пријавување на своето бугарско потекло. Еден од овие „неколку стотици Бугари“ се покажа дека е министерката за енергетика Сања Божиновска. Таа лично го придружува Мицкоски на неговите чести патувања во Србија. Минатата недела Сања Божиновска изјави дека повеќе нема бугарско државјанство. Последователно, се покажа дека не само Божиновска, туку и целото нејзино семејство се стекнало со бугарско државјанство по изјавата за бугарско потекло и бугарска самосвест, објави агенцијата БГНЕС.