БХРТ, поради финансиски проблеми, од петок нема да емитува дел од програмата

Босанскохерцеговскиот јавен радио-телевизиски сервис (БХРТ) поради тешката финансиска состојба од петок ќе прекине емитување на дел од програмата, а поради блокираните сметки можно е да не се пренесуваат и натпреварите на фудбалската репрезентација на БиХ во Лига на нациите, соопшти БХРТ.
Од петок нема да се емитува информативната емисија „БХТ1 во живо“ и викенд изданијата на емисијата „Утра за сите“.
БХРТ наведува дека е можно укинување и на други емисии бидејќи поради блокираните сметки не се во можност да испраќаат новинарски екипи на терен и нормално да ја реализираат програмата.
БХРТ најави и дека ќе поднесе тужби против поднесување тужба против државата БиХ, Парламентарното собрание на БиХ и Советот на министри на БиХ поради долгогодишно непочитување на Законот за јавниот радиодифузен систем и нерешено финансирање.
Кризата во БХРТ трае со години, а меѓу клучните проблеми е системот на собирање и распределба на РТВ таксата. Ентитетот Радио Телевизија на Република Српска (РТРС) со години не исплатил дел од наплатената такса на државниот јавен сервис, па долгот кон БХРТ пораснал на повеќе од 50 милиони евра.
БХРТ има повеќемилионски обврски кон државата и нејзините вработени. Поради блокирани сметки, во опасност е исплатата на плати и други приходи на вработените, како и намирувањето на придонесите и трошоците за здравствено и пензиско осигурување.






