Битиќи до Кочоска: Ќе дојдете во Собрание или пак ќе одговарате со Фејсбук статуси?

Фатмир Битиќи ја повика министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска да се појави во Собранието и да даде одговори за задолжувањето од 260 милиони евра и новата Фискална стратегија 2027-2031.
Во објава на социјалните мрежи, Битиќи праша дали министерката ќе дојде во законодавниот дом или повторно ќе објави „нов статус на Фејсбук за аргументирање на задолжувањето“.
Тој најави и дополнително прашање за, како што наведува, можна нова должничка епизода од околу 350 милиони евра за сервисирање на остатокот од еврообврзницата во јуни.
„Ако аргументите и бројките се на ваша страна, тогаш утре изнесете ги таму каде што се носат одлуките за парите на граѓаните – во Собранието“, порача Битиќи.
Пратеникот од СДСМ ја обвини Владата за буџетска недисциплина и оцени дека економските политики треба да се бранат пред пратениците, а не преку објави на социјалните мрежи.
„Фејсбук е удобен – нема реплики, нема процедурални забелешки, нема непријатни бројки и аргументи“, напиша Битиќи.






