Битиќи: Веќе во ноември одредени антикризни мерки за ранливите категории граѓани би требало да бидат активни

Одредени антикризни мерки кои ќе бидат насочени за ранливите категории граѓани веќе со почеток на ноември би требало да бидат активни, вели заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Битиќи вели дека веќе во пренамената на буџетот се предвидени средствата и кога ќе помине собраниската процедура околу тоа ќе се обзнанат мерките.

„Антикризните мерки не се носат за трговците, за да нешто некој некаде калкулира. Антикризни мерки ќе се донесат за граѓаните, да им се помогне на тие на кои денес најмногу им е потребно. Сакаме да се справиме со последиците затоа што причините институционално ќе ги решаваме. Последиците се тие, денес штетата најголема ја трпат крајните корисници и затоа сметаме дека треба таму да се насочиме со меркирече Битиќи на денешната заедничка прес-конференција во Владата со министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на која беше презентиран проектот за реновирање и уредување на новиот простор наменет за новата Национална установа Оркестар за џез-музика на Република Северна Македонија, со средства што се обезбедени преку програмата ТАВ.

Битиќи додава дека се уште се разгледува кои целни групи ќе бидат опфатени со мерките.

„На крајот на денот, средствата завршуваат кај стопанствениците. Треба да видиме дали токму тој сектор кој што најмногу трпи од како што викаат потребата од антикризни мерки, дали тие треба да бидат опфатени. Ќе се разговараат во одреден момент кога ќе бидат искристилизирани. Се уште работиме кои целни групи ќе бидат опфатени“кажа Битиќи.

Прашан дали имаат консултации со Коморите, со оглед на тоа што оттаму реагираат дека не се информирани и консултирани за носењето било какви одлуки и дека за новиот пакет антикризни мерки дознале од медиумите, Битиќи рече дека се консултираат, а за начинот и механизмот на консултации кој го имаат поставено со Стопанските комори може да позавидат не само земјите од Западен Балкан туку и пошироко.

„Убаво е што Стопанската комора очекува дека антикризните мерки ќе бидат насочени за стопанството. Напротив сметам дека они се едни од чинителите кои можат да знаат дека тие треба да бидат насочени кон граѓаните, а не кон стопанството. Можеби затоа не повикаа за да кажат дека и таму треба, но во овој момент податоците не покажуваат дека треба да се донесат одредени мерки во овој момент кои директно на стопанството би требало да помогнат. Но, секако во првиот момент кога ќе дојдеме до јасно дефинирани мерки и начинот како би се спровеле истите соодтвено тие ќе бидат претставени пред сите чинители, вклучително и Стопанските комори“додаде Битиќи.

Битиќи денеска беше на состанок со претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Владимир Наумовски со кого разговараа за ценовните движења во малопродажната мрежа на прехранбени продукти и постоењето на можности за присуство на трговски практики кои освен што ја нарушуваат слободната пазарна економија и конкуренцијата, носат и директна штета на граѓаните.

Тој рече дека Владата нема да биде нем сведок на нефер или неетички практики во трговијата кои одат директно на штета на семејниот буџет на граѓаните.

„Постојат реални околности кои укажуваат на вештачко фиксирање на цените на високо ниво како резултат на координирано договарање помеѓу трговците на цените на одредени производи, со што го контролираат и ограничуваат нивното слободно пазарно формирање, а со цел зголемување на нивната добивка. Оваа пракса оди директно на штета на граѓаните и производителите, и ова нема да го дозволиме“рече Битиќи.

Тој рече дека на денешниот состанок ги изнел неговите согледувања врз основа на кои надлежните ќе постапат.

„Во одредените сектори, во кои заеднички сметаме дека треба соодветно да се постапи, тоа ќе го направат. Тоа ќе биде во соработка со ресорното Министерство за економија, Државниот пазарен инспекторат и сите други институции кои може да бидат повикани. Тоа е процес во кој не може да очекуваме дека за една или две недели ќе има решение затоа што бара повеќе време, но убаво е што Комисијата е спремна таа надлежност што ја има да ја спроведе. Јас го направив тоа што можеше да го направи било кој од 1, 8 милиони жители доколку сметал дека има потреба“ вели Битиќи.

Според него овој проблем ќе биде надминат ако се донесе законот за нефер трговски практики.

„Уште пред една ипол година имаме кажано дека донесувањето на законот за нефер трговски практики е решението за ваквото однесување на пазарот. Денот кога тој ќе биде донесен поразлично ќе биде однесување на пазарот од сите“додаде Битиќи.

Back to top button
Close