Битка за Љубин гроб

Почитувани, целиот овој изминат период од неколку месеци, она што се случуваше околу парламентарните избори, формирањето на новата македонска влада, преговорите, сето тоа како една метафора за „Битката на Љубин гроб“  сега во мирнодопски услови секако, некако така ми се врти низ глава сето ова деновиве.

Зошто мислам вака, еве и ќе Ви раскажам.

За оние кои не знаат, местото наречено Љубин гроб е еден планински превој на планината Зеленгора (БиХ), каде што се одиграла една од клучните битки во 1943 година, за време на познатата ткн. „Петта офанзива“ или „Битката на Сутјеска“. Бранејќи го Љубин гроб до последен човек, се овозможило на останатиот дел од партизанските единици да се извлечат од обрачот на бројните и силни Германски дивизии околу реката Сутјеска. Но не биле само Германски дивизии, имало таму и Четници, Усташи, Италијани и што уште не.

Зошто беше ова “Битка за Љубин гроб“?

Сепак на крајот се добро се заврши, победи разумот и мудроста и може  да здивнеме и да бидеме задоволни. За време на изборите се судривме и си кажавме многу работи со ДУИ, но сепак на крајот се смиривме, си подадовме рака и во интерес на државата мора да продолжиме понатаму. На почетокот од изборната кампања некако бевме изненадни и затечени од нивниот предлог за Албанец премиер, како и една канонада од барања кои воопшто не соодвествуваат со една модерна и унитарна држава како што е Македонија, некои чудни националистички тиради, некои барања сосема надвор од „Охридскиот договор“, имавме чувство за момент како нож во грбот да добивме од нашите пријатели Албанци со кои заедно сакавме да го градиме концептот „ Едно општество за сите“, тие ни вратија со едно големо “НЕ“ за овој концепт, со тезата “штом не давате премиер овој концепт е веќе мртов“.

Е не е баш така. Знаете како, ние кои пишувавме позитивно за ДУИ како веќе зрела и разумна политичка сила во Македонија, ние кои го браневме донесувањето на Законот за јазиците, концептот „Едно општество за сите“, бевме постојано напаѓани како предавници, сега наеднаш останавме некако затечени со овие нови барања на ДУИ. Нормално застанавме принципиелно со аргументи против овие барања па сега од другата страна, односно од албанската страна, некои си дозволија да не нападнат дека сме биле националисти. Абе што да Ви кажам. Се трудевме и пишувавме, објаснувавме колку што можеме зошто овој концепт “Едно општество за сите“ е погоден за нашата земја, но објаснувавме и зошто барањето на функции по национален клуч е опасно и не е добро. Да бидам искрен наидов на големо разбирање кај многу Албанци мои пријатели кои во потполност се согласуваа со овие тези кои што ги бранам, но наидов исто така и на некои критики (во значително помал број) од луѓе кои не сакаат воопшто ниту да разберат туку се служат само со еден опскурен националистички ум, а ги има такви од двете страни.

Имено, тешко може да го прифатите барањето околу функциите кои се добиваат на непосредни (директни) избори да ги делите по национален клуч или по “ротација“. Тоа не е обележје и карактеристика на унитарни држави со ваков политички систем и уредување како нашиот. Такви функции се: изборот на пратеници од кои потоа се добива мандатар за состав на владата од победничките партии, претседателските избори, како и локалните избори. Не можете никако на овие места или функции да ставите луѓе по национален клуч, со договор или пак со ротација. Системот на ротација на функции е обично карактеристика на Сојузни држави (Федерации), но никако не може да биде применлив во унитарни држави, со тоа се воспоставува редефинирање на политичкиот систем на државата што никако не можеше да се дозволи. За среќа тоа го разбраа нашите пријатели Албанци но сепак немаше голема спремност да се откажат од нивните барања за Албанец премиер, затоа што тоа беше нивно изборно ветување со кое добија одреден број на гласови а и бројките им одеа во прилог. Исто така се плетеа разни тези, полуинформации, кои повеќе беа медиумски дезинформации а воопшто не биле на маса во преговорите, се однесуваа околу разни аспекти за консоцијален модел на демократија и управување во нашата земја, консензуално одлучување, врзани потписи, итн. Овој модел е неприменлив и ние како општество воопшто немаме некаков консоцијален модел на демократија или носење на одлуки, оние што тоа го кажуваат апсолутно ништо не знаат што е тоа консоцијална демократија, едноставно тераат политика за пред своите гласачи, друго нема. Моделот на консоцијална демократија или групна демократија како што се нарекува во теоријата е всушност владеење на групите. Овој модел е измислен поради потребата од функционирање на демократските институции во унитарни држави но во радикално поделените (сегментирани) општества по разни основи, етничка, верска, религиозна, јазична, каде што сите ентитети имаат приближно иста големина, бројност и моќ и сите заедно делегираат свои претставници во власта каде што се носат заеднички одлуки. Нашиот политички систем и уредување нема врска со консоцијален модел на демократија. Во Република Северна Македонија доминантно по бројност, големина и моќ е македонскиот народ со приближно 70 % од населението, (по последниот попис) и тоа е оној доминантен по големина и број носител на суверенитетот.  Втора по големина етничка заедница со нешто над 20 % (поточно 25%) е Албанската заедница односно албанскиот народ,  другите етнички заедници се значително помалубројни. Во нашето општество нема значи ниту приближно повеќе ентитети со еднаква моќ и големина, токму затоа моделот на консоцијална демократија, консензуални одлуки, врзани одлуки, врзани потписи е апсолутно неприменлив и како таков не се ни разгледувал ниту прифатил. Се работеше повеќе за лажни вести и информации. Сето ова го објаснувавме. За среќа преовлада разумот и мудроста, многумина разбраа дека вакви одлуки водат кон редефинирање на нашиот политички систем, дека сме пријатели и мора да живееме заедно и да ги негуваме меѓунационалните односи и се откажаа од нивните барања. Но мораме да бидеме искрени и да кажеме дека не се откажаа туку така лесно, беше потребно големо трпение, разум, преговарање, како и решеност да се брани унитарниот карактер на Македонија по секоја цена. Мора да се каже дека неколку работи беа пресудни за овој исход.

Како прво, никогаш не сум го видел Зоран Заев толку цврсто решен да истрае до крај затоа што знаеше што значи за Македонија неговото попуштање или ретерирање од неговиот цврсто завземен став, за него беше ова исто како “Битка за Љубин гроб“. Како второ, се случи исто така онаа државничка одлука на претседателот Пендаровски на 13 август да го додели мандатот на Зоран Заев и со тоа на некој начин да ја пресретне онаа средба која ја свика Али Ахмети само со албанските партии по повод потпишување на Охридскиот договор а всушност таа средба беше замислена како обединување на идејата и поддршка за барањето за Албанец-премиер, тој чин не беше принципиелен затоа што не беа поканети македонските политички партии потписнички на Рамковниот договор и тоа не беше во ред. Како трето, тука беше големата и недвосмислена поддршка на меѓународната заедница околу тоа каква влада сакаат, особено поддршката од Американската амбасадорка која по само еден час од добивањето на мандатот на Зоран Заев  јавно му упати честитки и со тоа на некој начин се прекрши работата и после се беше полесно, разбраа тие што требаше да разберат на каде дува ветрот. За оние што мислат дека ова битка беше лесна, дека ова беше само театар и се било договорено, дека некој заминал на одмор по изборите и владата сама се направила, као демек на одмор не се преговара, за сите нив што ги слушам како некои сезнајковци, можам само едно да им кажам, “везе немаат“ со ништо. Беше многу тешко, требаше многу трпение, знаење и разбирање. Јас не сум учествувал во преговорите, но оние информации кои ги имав од луѓето кои директно учествуваа ми потврдија дека беше многу тешко. Како некоја симболика сега ќе кажеме повторно “партизаните“ победија. Помош од “патриотите“ и “комитите“, односно од клиентите на Христијан немаше никаде. Они беа во “сачекуша“, сите до еден.  Абе не гукнаа, глас не пуштија за ниту едно барање на Али Ахмети за време на изборите, чекаа разврска, се надеваа дека ќе победат па Али ќе ги земе у власт или пак Заев нема да успее да се договори па они ќе улетаат, ама не испадна така. Ниту Али не ги сака веќе. Во ниту една значајна битка за Македонија не учествуваа па сега нешто паламудат оние нивни потпретседатели, генерални секретари, кои се сега исто така во “сачекуша“, цело раководство топ тан. Гледате дека од 15 јули наваму збор не кажаа за Христијан, не го бранат веќе јавно, чекаат разврска, дали ќе го бркаат Христијан или не, па да видат која страна да фатат, абе мангупчиња, пред 15 јули под кола се џиткаа за него, сега мудро ќутат, тоа е, сам си ги турил на тие места никој не му е крив. Еве одма да им кажам, бидете така, ќе го бркаат кај и да е, не знаете кој ќе дојде, не се покажувајте многу, молчењето е злато.

На крајот сепак можеме да упатиме честитки за новата Македонска влада. Македонија конечно ќе заплови во мирни и сигурни води. Тоа го прогнозираат гледам и во многу Европски печатени медиуми. Државата е во сигурни раце. Она што слушате од опозицијата како “млатат празна слама“ дека ова била нестабилна влада ќе паднела на протести е само за пред нивните гласачи да ги држат во некоја верба, но се помалку има такви кои веруваат во овие приказни. Оваа “Битка на Љубин гроб“ која ја добивме е многу значајна за понатаму. Значајна е од повеќе аспекти. Тешко некогаш дека ќе се повтори да имаме ваква ситуација на избори во вонредни околности со толку мал број на излезност и со вакви бројки во парламентот, тешко некогаш дека ќе имаме вакви непринципиелни барања со доза на национализам, овие прашања веќе ќе бидат затворени затоа што не се реализираа и стануваат беспредметни некој во иднина пак да настапува со овие барања и на крајот она што е најважно почнуваме преговори со ЕУ каде што ќе настапи силен мониторинг од Брисел и престројување на целиот наш општествено-политички систем, ќе настапи прочистување на општеството кое ќе трае во наредните години. Албанците се наши пријатели со кои заеднички ги делиме маките и мора да живееме со разбирање и почитување, тоа мора да го разберат националистите од двете страни. Верувајте идат подобри денови за сите нас.

П.С. Деновиве се сретнав со еден пријател, дипломат, кој ја поддржува повеќе опозицијата и ми вели, знаеш не се согласувам со тебе и твоите ставови ама морам да ти признаам како што напиша така испадна, туку не знам што ќе испадне со Христијан, дали ќе го сменат, гледаш вика до смрт ќе се борел со оние што го поддржувале Заев. Му викам друже дека ќе го сменат ќе го сменат, што сакаат нека му прават, треба малку време, него ич не ми е гајле, ако им е добар нека си го чуваат, а што се однесува до неговата изјава како да е од минатиот век, нека се занимаваат психолозите со тоа, јас поглупаво нешто не сум слушнал од политичар, изгледа го губи веќе тлото под нозете.

Тоа е, не може секој да се носи со тоа бреме, да биде лидер, заклучивме на крајот со пријателот и се поздравивме.

м-р Глигор Стоименов

                            

 

Back to top button
Close