Битката на Фисник и Големото предавство

Аделина Марку, јавна интелектуалка
​Да се живее во етнички состав од типот на нашата земја не значи по автоматизам соживот со постојана егзистенцијална анксиозност. Но, сепак, ние ја живееме таа анксиозност секој божји ден. Јас ја деконструирам како фабрикувана политичка мачнина која, во најголем број случаи, извира од структурната неспособност за градење одржливи институции и од невротичниот страв од губење на партиската и финансиската доминација. А кога ова трае толку долго, дилемите стануваат легитимни! Зошто Македонците и Албанците, заедно со другите заедници во земјава, се неспособни да ја изградат државата дури и по толку големи трауми предизвикани од уставните измени?
​Науката го препознава овој феномен како онтолошка несигурност, додека нејзината проекција на наш терен се засилува секогаш кога на нашите партиски моќници ќе им текне да ја вжештат атмосферата, амплифицирајќи ја политиката на страв, несигурноста на етничкиот бедем и идејата дека сме слаба и кревка држава. Без сомнение, јас секоја ваква наметната несигурност можам да ја соборам како чиста лага!
​Немам намера да ги повикувам на рационална дебата гласните уставни правоверци кои ја скроија верзијата од 1991 година, за потоа – откако истиот тој Устав остана бремен со Охридскиот рамковен договор и се породи под чадорот на меѓународната клиника – да расправам со нив; нема никаква вредност да се дискутира со каста која својата правна тавтологија ја претвори во државна религија, ниту пак со политички претставници кои веќе имаат кожа подебела од онаа на слон. Бидејќи, слонот е во собата (The elephant is in the room)! За мене, нивните аргументи за некаква „патриотска уставност сега“ не се ништо друго освен оголен манифест на Теоријата на сенки на Карл Јунг: оној темен, потиснат и непризнаен дел од колективната психа, кој ги проектира сите сопствени дебакли врз „другиот“. И така, ние само бескрајно се рециклираме!
​Заедничкиот дом не се гради врз чувство на вина и срам, ниту врз „договори за примирје“ (како што Арбен Џафери го оценуваше Охридскиот договор), ниту пак врз некаква партиско-политичка коректност која едноставно го парчела пазарот на корупцијата по етнички линии. Тој се гради врз она на што Арбен Џафери упорно и тврдоглаво инсистираше: здрава економија и структурна еманципација. Арбен имаше разбрано дека без здрав економски супстрат, секое политичко право ќе остане само празна школка (The Theory of Empty Shell)
.
Волшебниот круг на саботажата
​Идејата за овој текст извира од процесот на интеграција на сенките, лекции кои ги научив од животниот аманет на мојот татко – судија, мојата мајка – албанолог и професорка по македонски јазик, и мојот брат – визионер!
​Во оваа точка и ДЕНЕС, моето паметење и паметењето на моето семејство се претвора во монументално сведоштво за какофонијата на судијократијата (juristocracy) во мојата земја. Накратко кажано: Владеење на судскиот чекан врз гласот на граѓаните.
​Мојот брат, Фисник Марку, беше човек со врвeн интелект и висок интегритет, припаѓаше на една посебна и ретка интелектуална елита – онаа каста која стремеше кон вистински општествен развој преку структурни идеи, а не кон индивидуално и брзо збогатување со антиманири, маани на акутна проституција.
​Бидејќи вревата на уставниот патриотизам денес се амплифицира и од албанските партии, со истиот патос на наследена супериорност како кај македонските партии, сакам да ви го разоткријам случајот (case study) „Western Union“ од 1999/2000 година – случај кој го квалификувам како: Зачараниот круг на саботажата.
​За да сфатиме дека оваа машинерија за институционални кризи не започна вчера, туку беше кодирана уште во зародишот за да заштити тесни монополи, мора да се вратиме во 2000 година, пред да се потпише Охридскиот договор. Ова е случајот кој го паметам со незгаслив гнев. Гнев кон еден параноичен систем кој, преку измислени финансиски контроли и монтирани притисоци, му предизвика на мојот брат, на мене и на целото семејство ужасен стрес, едноставно затоа што тој се осмели да донесе брилијантна идеја која ќе го модернизираше целото општество низ призмата на економскиот развој.
​Во тоа време, финансискиот пазар беше изолиран и во ропство на старите банки во Северна Македонија (тогаш ПРЈМ), кои ги молзеа граѓаните со апсурдни провизии. Мојот брат го испроектира Законот за брз трансфер на пари, кој ќе им овозможеше на приватните агенции и менувачници да се интегрираат со глобалните платформи како Western Union. Според сите макроекономски студии, овој прилив на капитал што доаѓаше од надвор, поточно од нашата голема дијаспора (албанска, македонска, влашка, српска, ромска, бошњачка итн.), беше главната инфузија што го одржуваше стабилен курсот на денарот и ги пополнуваше девизните резерви на Народната банка. Финансиската визија на Фисник беше едноставна: ако овој незапирлив финансиски мотор што го придвижуваше дијаспората се ослободи од синџирите на монополите, општеството ќе продише, а државата ќе го капитализира развојот и безбедноста на земјата.
​Фисник му ја презентираше идејата на Арбен Џафери, некаде околу 1999 година. Претходно ја адресираше до еден економски експерт, но од него не доби никаков повратен одговор. Двајцата, Арбен и Фисник, го создадоа моментумот! Во Парламентот, битката беше епска. Законот беше протуркан со политичката тежина на Мендух Тачи, а на собраниската говорница беше академски и политички брилијантно одбранет од пратеникот Замир Дика. Овие двајца се живи и денес!
​Сега сакам да ви зборувам за симулакрумот што го соголува проколнатиот зачаран круг во кој се вртиме до ден-денес, благодарение на психологијата на инстант профит и одржувањето на монополите по секоја цена! Иронијата е уште потрагична бидејќи ова продолжува дури и по Охридскиот договор!
​Имено, бидејќи во тоа време работев со Арбен и ДПА, бев вклучена во лобирањето за овој закон, па затоа сакам да посведочам и за однесувањето на тогашната опозиција; СДСМ одигра исклучително валкана и хистерична улога, прогласувајќи една чиста економска реформа за „закана за националната безбедност“, само за да ја заштити старата банкарска олигархија која ги финансираше. А уште побанале, поогавен беше апсурдот на пратениците на ПДП. Заслепени од примитивна политичка суета, од тој болен провинцијализам и древен вазален однос својствен за Стокхолмскиот синдром, пратениците на ПДП гласаа ПРОТИВ законот! Всушност, тие гласаа против економското ослободување на сопствениот народ, само затоа што идејата го носеше авторот на еден нов ум и на ривалска партија како ДПА. Законот помина благодарение на гласовите на коалицијата на ВМРО со ДПА и ДА!
​Законот помина на мускули, придружен со бесмислици кажани од говорницата – некој дури тврдеше дека овој закон ќе овозможел финансирање на тероризам, друг велеше дека пропаѓа монетарниот суверенитет на земјата, трет бладаше дека ќе се распадне унитарниот карактер на државата, а четврти дека заверата на глобалните влијанија ќе ја измести Македонија од улогата на папок на светот… тоа беа такви пропагандни лудости од страна на тогашната опозиција што мозокот ти се преврти и отскака од орбитата на рационалното однесување! Никој од нив не ја гледаше Убавата Македонија, каква што беше и каква што сè уште е! Напротив, тие упорно симулираа слика на една нагрдена земја! Гласачите и новинарите се затрчаа да коментираат без воопшто да го прочитаат предлог-законот!
​Сепак, битката во Парламентот беше добиена. Но, штом здивнавме од парламентарната победа, машинеријата на уставниот архетип од 1991 година ја спушти својата последна гилотина: Уставниот суд. Со изговор колку банален, толку и комичен, Уставниот суд го собори законот со тврдење дека тој го загрозувал „монетарниот суверенитет“. Фактите говорат дека истата таа Народна банка, која преживуваше благодарение на девизната инфузија од дијаспората, го искористи највисокиот правен авторитет, Уставниот суд, за да го брутално го блокира прогресот. Тука нема грам здрава економска логика – има само логика за зачувување на монополот врз грбот на целото општество! Вистинската цел беше да се сочува недопирливиот монопол на финансиската каста во земјата. Визијата на мојот брат беше жртвувана на тој алтар, како крунски доказ за тоа како корумпираните елити го користат законот како камшик.
​Ова подоцна го призна и самиот професор Абдулменаф Беџети, кому мојот брат тогаш му го испрати во писмо својот концепт за развој. Фисник никогаш не доби одговор од проф. Беџети во тоа време. Но, тој зборуваше на комеморацијата по повод смртта на мојот брат, поклонувајќи ѝ се на генијалноста на идејата, но очигледно преку призмата на јунгијанските сенки! Чесно од страна на проф. Беџети, без сомнение! Но, визијата на брат ми веќе беше жртвувана на тој олтар, докажувајќи како елитите владеат преку законски камшик.
​Каков трнлив пат беше тоа за да се донесе една глобална компанија во земјава! Претежок! Непреболена рана која, наместо во пеперутка, те претвора во ламја!
​Брат ми си замина млад. Мојот гнев од оваа космичка болка одеше дотаму што честопати помислував да покренам тужба против овој анахрон систем под слоганот: „Системот ми го уби братот!“ Не успеав во тоа, бидејќи системот почна да ме убива и мене подоцна! Кога навлегувам во сржта на анализата, сфаќам дека сум недовршена во својот лет како кафкијанска пеперутка.
И Арбен почина набрзо по заминувањето на Фисник! Беа импозантни нивните интелектуални и политички дебати за тоа како да се изгради монетарната моќ на земјава преку еден макотрпен политички процес. Кој се качуваше на оваа планина без да го познава контекстот, беше чист будала! А кога на таа планина ќе се качуваш преку институционален процес и демократска дебата, се развиваш за да ја славиш конкурентноста на развојот и Живиот Устав (Vivid Constitution), со што интеграцијата на сенките на Јунг би се преточила во функционален демократски, правен и финансиски систем.
​Потоа дојде 2001 година. Падна стариот хардвер, се инсталира нов софтвер со месијански алгоритам, и Законот тргна од нула!
​Денес, во 2026 година, сè ми говори дека сенките на Карл Јунг и предавството на бројките го легитимираат преживувањето на оперативниот архетип на Уставниот суд по истиот оној матричен модел од 1991 година. Ова уставно наследство коешто овој суд цврсто го држи како модел на однесување и денес во 2026 година – дури и откако Уставот „забремени“ со Охридскиот договор во 2001 година – го тера овој Татко или оваа Мајка на Уставот да нè камшикува со својот нарцисизам на секој наш колективен роденден!
​…а мојот роденден брои 55 години. Денес албанските политичари во Северна Македонија не милуваат да го користат јазикот од 90-тите, кога Уставот се етикетираше како главен генератор на кризи во земјата. Од 2001 година тој дискурс со декрет беше прогласен за демоде! Фап-фап, одеднаш стана модерно да се зборува за чинот на зачнување на тој нарцисоиден Устав од 1991 година (кој, онака како што го прогласивме, продуцираше етничка супериорност и институционални кризи) со Охридскиот договор од 2001 година, за кој се изгради месијански наратив за спасот на државата и општеството. „Ние ве спасивме“, гласеше тој дискурс! Системот го промени алгоритмот и се претвори во месијански нарцис. Овој месијанизам оттогаш го инјектира ботоксот што ги пумпа мускулите на политичките партии кои доаѓаат и си одат, усовршувајќи ја истата игра: добро владеење, со Бадентерова предигра!
За време на конципирањето на новиот месијански Устав за Републиката (како излез од меѓуетничкиот конфликт во 2001 година), една клучна епизода беше мајсторски сокриена! Арбен Џафери, тогашниот лидер, имаше длабок концептуален судир со францускиот правник Роберт Бадентер. Бадентер дојде со својата формула за „двојно мнозинство“ како заштитен бедем во Парламентот. Но, Арбен Џафери веднаш го прозре Парадоксот на Бадентер. Каква вредност има овој механизам кој им гарантира вето и нумеричка заштита на немнозинските заедници во Парламентот, ако тој ист принцип не важи во институцијата која го има последниот, апсолутен збор – Уставниот суд?
​Пак ќе кажам, немам намера да ги повикувам на рационална дебата гласните бранители на новиот Устав, бидејќи нема никаква вредност да се дискутира со каста која својата правна тавтологија ја претвори во државна религија уште од 1991 година, или со другите, кои ја претворија во рамковно-договорна догма. За мене, нивните аргументи не се ништо друго освен чист манифест на Теоријата на сенки на Карл Јунг – оној темен, потиснат и неинтегриран дел од колективната психа, кој ги проектира врз „другиот“ сите сопствени дебакли, стравови и неспособности за изградба на заеднички дом. Домот не се гради врз чувство на вина и срам, ниту врз договори за примирје како оној од Охрид, чиј дух беше проголтан од пазарот на трансакциски зделки на етничките партии, што за жал го засили архетипот – пазарот на корупција и национализам.
Да се вратиме на Арбен Џафери кој аргументираше дека без функционално вето на секое ниво, коешто би се гарантирало со новиот Устав кој во својата утроба го носи Охридскиот договор, Уставниот суд ќе се претвори во Супер-Парламент.
​„Правата што произлегуваат од ОРД ќе се претворат во неупотребливи категории!“ Пророштвото на Арбен Џафери денес го живееме низ сенките и аномалиите на постуставниот период од 2001 година, каде судијократијата (Juristocracy), со 6 судии избрани со просто мнозинство во Собранието, други 3 преку Бадентер и со доверба од мизерни 2 проценти, со политичко-религиозна догма ја бришат политичката волја на гласачот! Или уште попластично: Уставот се јаде самиот себеси со невротична тавтологија, во чиј делиричен танц учествуваат архаичните фигури кои го прогласија договорот месијански. Бранителите кои како религија го бранат новиот Устав или живеат во целосно негирање (denialism), или пак ја распарчиле и замиле сопствената совест, препелкајќи се во Сенките на Јунг. Најгласни во оваа какофонија се албанските етнички партии кои наводно бранат некакви права – кои самите ги направија неупотребливи! Всушност, тоа го правеа во текот на целото ова време од 2001 година: овие права ги претворија во егзистенцијални трауми, наместо во слободен и достоинствен живот!
​Смени ја стратегијата, човеку!
Митот за Рамковниот договор беше изграден и се користи како инструмент за колективна амнезија, за да се заборави дека истата таа институционална гилотина ни висеше над глава како општество и пред 2001 година. Затоа, колку повеќе се пумпа месијанскиот мит за ОРД, толку повеќе ќе се отвора прашањето: зошто воопшто се случи 2001 година? Бидејќи, ако месијанизмот во име на ОРД продолжува да гради мит за себе дури и кога неговите актери се фатени во вина, грешки, гревови и трансакциски компромиси, тогаш нивната самобендисаност од тој мит ќе ни породи нова траума! Внимавам на зборовите, не со софизам, туку со будна совест, па затоа велам дека институционалната гилотина на одлуките на Уставниот суд е подеднакво штетна за сите етнички заедници во земјава, бидејќи кога на едната страна ѝ е лошо, другата живее во параноичен страв, и обратно! Кога едната се кали во траума, другата се брани од траумата… и така во недоглед се стега овој тежок психолошки синџир во општеството.
​Аха, профитот и пропагандата…
Постои една теза која мојата ќерка ја проучува во својот магистерски труд и преку хипотезата дека „Корупцијата раѓа национализам, а национализмот ја штити корупцијата“, сака да ја спаси својата генерација од месијанскиот патетизам, додавајќи во своето научно истражување дека Албанците воопшто не се невини во оваа историја. Таа докажува дека перманентните кризи во општеството се политички и свесно симулирани. Оваа постојана криза веќе е претворена во ПАТЕРН – во матрица на функционирање, бидејќи таа претставува морбидна симбиоза каде елитите на двете поголеми етнички страни се хранат од истото парче месо. Ако довербата во правосудниот систем клинички падна на 2 проценти, таа доверба не колабираше само кај едната заедница, туку кај сите етникуми во оваа држава. Ова е Теоријата на празна школка во акција – кога институциите се корумпираат и се празнат од суштина, законот веќе не функционира како регулатор, туку како брутален политички камшик.
​Нема поголема иронија од тоа да гледаш, дури и на 55-годишна возраст, како Уставниот суд со заби ја раскинува токму материјата која наводно извира од овој ОРД. Нема поголема болка од тоа кога овој Суд ги подбуцнува како бикови албанските партии за да ги вкрстат роговите и да се јадат меѓусебно. а тие се свесни за сопствениот јад! Одговорот е една застрашувачка тавтологија: Уставот се напаѓа самиот себеси? Уставот боледува од автоимуна болест? Тогаш, каде е проблемот – кај бранителот на Уставот или кај самиот општествен договор? или другде? Парадоксот на Бадентер, за кој говореше и алармираше Арбен Џафери додека се потпишуваше мирот по конфликтот во 2001 година, стана за жал сурова реалност.
​Судијократијата која ја страдаме денес, од вчера и со децении наназад, е оној „магичен момент“ кога суверенитетот на народот и гласот на граѓаните се фрлаат во канта за отпадоци, бидејќи за судбината на една држава повеќе не одлучува ниту парламентот, ниту владата, туку една каста луѓе во црни тоги, кои, за парадоксот да биде комплетен, ги избрал и изгласал токму тој парламент!
​Слушај, ние сме неспособни да го разбереме духот на Бадентер сè додека ги усовршуваме вештините во духот на корупцијата и инстант партиско-политичкиот блуд.
​Слушај, ние сме неспособни за големи нови договори… Не знам зошто воопшто ја храниме таа илузија!
​Слушај, нема лоша држава, нема лоши општества – има само расипани политички касти и проституирани олигарси кои ја држат државата и општеството во трауматизирана заложништво!
​Слушај… една работа можеме да направиме заедно: отворено да зборуваме за нашите јунгијански Сенки, да се обидеме да ги интегрираме, за да избираме и гласаме за судии и пратеници кои ја разбираат важноста и тежината што ја имаат за здравјето на нацијата. Уставот не постои за да нè заштити од иднината, туку за да ни овозможи да изградиме иднина каде законот е во служба на животот, а не животот во служба на крутите и вкочанети рамки на државата.
​Изгледа дека тогаш изгинавме за да убиеме еден Устав, само за да продолжиме континуирано да се трауматизираме со новиот Устав, запечатен од некои си 9 изгубени луѓе заглавени во бедата на сопствените психолошки сенки. Е па, ова е веќе и далеку пошироко од Јунг!
​О Тагора… о лудост!
(Овој текст е манифест на личната совест и сопствениот интелектуализам. Како таков, тој е автентичен и нема никаква врска со институцијата каде што сум вработена. Секоја тенденција за парчење и вадење од контекст на делови од текстот за дневно-политички и интерпретативни интереси од страна на социјалните мрежи, медиумите, поединци или организации, ќе биде правно гонета со тужба од моја страна. Ви благодарам!)

Back to top button
Close