Блинкен побара итно ослободување на новинарот на „Волстрит журнал“, Лавров бара случајот да не се политизира

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во телефонски разговор со рускиот колега Сергеј Лавров, организиран на негово барање, повикал на итно ослободување на американскиот новинар Еван Гершкович, кој неделава беше уапсен во рускиот град Екаринбург под сомнение за шпионажа, на што Лавров одговорил дека е неприфатливо случајот да се политизира.

-Блинкен ја изрази големата загриженост на САД за руското неприфатливо апсење на американскиот новинар Гершкович, рече портпаролот на Стејт департментот Ведант Пател.

„Државниот секретар на САД повика на негово итно ослободување“ и истовремено побара и ослободување на уште еден Американец, Пол Вилан“, рече Пател.

Шефот на руската дипломатија му возвратил на Блинкен дека е неприфатливо Вашингтон да го политизира случајот со новинарот на „Волстрит журнал, кој е обвинет за шпионажа во Русија.

Руското МНР соопшти дека Лавров во телефонски разговор му рекол на Блинкен дека судбината на Гершкович ќе ја одреди судот.

Тој го повтори тврдењето на руските власти, кои јавно не презентираа никакви докази, дека новинарот бил фатен „на дело“.

„На Блинкен бниманието му било свртено и за потребата да се почитуваат одлуките на руските власти, донесени во согласност со законот и меѓународните обврски на Руската Федерација“, соопшти руското Министерство.

„Неприфатливо е“ додал Лавров, „ официјалните лица во Вашингтон и западните медиуми да креваат бура за овој случај со јасна намера да му дадат политичка боја“.

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во четвртокот соопшти дека го уапсила Гершкович, обвинувајќи го дека собирал информации за руска одбранбена компанија која се сметала за државна тајна.

„Волстрит журнал“ категорично негираше дека Гершкович шпионирал, а Белата куќа обвинението за шпионажа, кое предвидува затворска казна до 20 години, го нарече „смешно“.

Back to top button
Close