Болницата во Газа остана без гориво, починало бебе во инкубатор и млад човек на интензивна
Најголемата болница во Појасот Газа, Ал Шифа, остана без гориво, соопшти портпаролот на палестинското Министерство за здравство.

Министерот за здравство претходно соопшти дека болницата ја прекинала работата.
И оваа болница остана без вода, а недостига и храна.
Организацијата „Лекари без граници“ денеска објави, по дојавата за силно бомбардирање во близина на медицинскиот комплекс Ал-Шифа во Појасот Газа, дека изгубила контакт со персоналот ангажиран во таа здравствена установа.
Ал Џезира разговараше со Мухамед Абу Салмија, директор на болницата Ал-Шифа.
-Се што можам да кажам е дека почнавме да губиме животи. Од минута во минута умираат пациенти, умираат и жртви и ранети – дури и бебиња во инкубатори. Изгубивме бебе во инкубатор, изгубивме и млад човек на интензивна нега, изјави директорот на болницата.
-Просторот околу болницата е ограден, а мета се болничките згради. Секој човек што се движи во комплексот е цел. Израелските окупациски сили се надвор и го оневозможуваат никого да се движи. Еден член на медицинскиот тим кој се обидел да стигне до инкубаторот за да им подаде рака на бебињата родени во него бил застрелан и убиен, рече тој.
Тој повтори дека болницата останала без струја и медицински материјали.
„Целосно сме отсечени од целиот свет, минути не делат од непосредна смрт. Заглавени сме, испраќаме многу СОС на целиот свет – нема одговор, нема одговор“.
Исто така, Ашраф Ал-Кудра, портпарол на Министерството за здравство во Газа, издаде ново соопштение во кое се наведува дека раселените лица, ранетите и медицинскиот персонал во медицинскиот комплекс Ал-Шифа страдаат од недостаток на храна и вода.
Ситуацијата се влошува со прекинот на струја, а стравот се шири поради жестокото пукање на израелските сили.