Болсонаро пуштен од интензивна нега по операцијата
Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро е пуштен од интензивна нега по операцијата на желудникот и е во стабилна состојба, соопшти клиниката во бразилската престолнина каде што се лекува.
Болсонаро се опоравува од тешка операција на желудникот извршена на 13 април. Тој беше подложен на 12-часовна операција поради блокада на цревата поврзана со нападот со нож врз него во 2018 година за време на изборната кампања.
Сè уште нема датум за неговото отпуштање од болницата.
Болсонаро е на судење од Врховниот суд за наводен обид за државен удар што го планирал за да го спречи неговиот наследник, Луиз Инасио Лула да Силва, да ја преземе власта. Доколку биде осуден, тој може да се соочи со затворска казна до 40 години.
Во исто време, друг поранешен претседател на Бразил, Фернандо Колор де Мело, кој ја извршуваше функцијата од 1990 година до 1992 година, ќе ја отслужи казната за корупција во домашен притвор поради здравствени проблеми.
Тој беше првиот директно избран претседател на Бразил од крајот на диктатурата. Тој беше осуден на девет години затвор за примање мито додека беше сенатор. Поранешниот претседател ја издржуваше казната во затвор во Масејо, но бидејќи боледува од Паркинсонова болест, беше ставен во домашен притвор