Божиќен дипломатски пост

Пишува: Ѓорѓи Мисајловски

Среде Божиќниот пост, на ден на Светиот Климент Охридски – Чудотворецот, во Брисел се одржа последниот состанок на ГАК во оваа година. Светецот Чудотворец за кој историската комисија  наводно се согласила околу Соломонското,(замало да напишам Самуиловото) решението за неговата припадност, односно етничкото потекло не не помогна. A не да не се молевме. Чудата се ретки во дипломатијата. ЕУ имаше други приоритети. Авиончето на владата остана во хангарот. Не  полета во Брисел на славје. И опозицијата нема што да слави, сепак сеири.  И овој пат не се прослави. Наместо да ја остави владата до крај да се заплетка, таа со својата деструктивност да не се оствари повеќекратното  прогласување на  успехот – дата за преговори, тој круцијален момент во барањето на оставка на премиерот Заев, придонесе неуспехот да се избалансира. Софија не подлегна на притисокот на дуото ММ ( Меркел- Мас), свесна дека притисоците ќе продолжат и од преку океанот. ГАК вчера проширувањето на ЕУ ја разгледуваше по точката АОБ( any other business) или понижувачки “под разно”. Пост за владата, опозицијата  па и богињата на мудроста. Постот може да потрае уште два  дена до состанокот на Советот на ЕУ, на кој сепак главна тема е ББ (Брегзит и буџетот), па е мала веројатност председавачот на ЕУ, да ја наметне темата на бугарското вето. И тоа да се деси драматично ништо не се менува за нас. Дамокловит меч останува да виси и се уште ни се заканува.

 

Во дилломатскиот гамбит , во кој Софија игра со бели фигури, веќе постигна предимство. Не остави во предворјето на ЕУ со најдобри желби еден ден да станеме членка на ЕУ. Условите се познати. Бугарската страна добро ги проучила сите отворања, поучени од  актуелите  и историските дипломатски потези на големите сили и  државите во регионот. Додека Софија ги анализираше сите отворања, позиции и завршници, нашиве правеа непредизвикани превиди, користејќи изветвени флоксули околу поимот пријателство и блиските родбински категории, во историјата потврдени како нехристјански. Толку за нашиот главен аргумент во  нашиот шаховски гамбит.

 

Речиси две години после потпишувањето на договорот со Софија  , а посебно после Преспанскиот договор меѓу РМ и Грција, бугарската дипломатија извлече добри поуки  и темелно се подготвуваше за завземање на  поповолна позиција на шаховската табла за акциите кои се засилија после усвоената Декларација  во бугарскиот парламент (октомври 2019) околу условите под кои можеме да ги започнеме преговорите. Познати ни се деталите на пенетрирање на бугарскита позиција , посебно во последниве две години, во  Брисел, како и реакциите на бриселската администрација, а и позициите на Софија во Европскиот парламент и Советот на Европа. Ние  го потпишавме договорот со Бугарија (01.08.2017) за да ги исполниме условите за добрососедство  лежерно и невнимателно ( во преамбулата – заедничка историја, членот 8, точка 2. ,членот 11 , точките 4. и 5. и член 14) што денес ни прави сериозни проблеми во имплементација на Договорот. Имавме доволно време од Заедничката  декларацијата (потпшана на 22. феруари 1999) од страна на тогашниот наш премиер Љ.Георгиевски,  да ја преточиме во  внимателен договор, со оглед на познатитата бугарска позиција во врска со македонскиот јазик и етничкото потекло. Позицијата на некогашноиот јастреб Цола Драгојчева во однос на сегашната е равна на  преплашена потполошка.

 

Вчера во Брисел заврши нашата овогодишна европска вртелешка. Европските дипломати се враќаат дома, па и бугарските на брифинг. И ние се подготвуваме со кадровски зајакнувања (за тоа подоцна). Испратените наши  амбасадори и идејата за специјален пратеник се гаранција за (не)успех.  Намера ми е во десет точки,  не да ја анализирам причината за мене очекуваниот исход на нашите нереални очекувања, туку  да укажам на она што треба да направиме во иднина. Во дипломатијата нема две полувремиња. Играта трае без престанок, додека не се постигне проектираната цел. Затоа за време на претстојните одмори да не ја пофториме грешката од летоска, не само како олабавувањето  во борбата со короната, туку  и невнимателноста на владата и непотребната глорификација за двата потпишани договори , на сметка на  продлабочените анализи, што кулминираше и со гласините за  номинирање на нашиот премиер за Нобелова награда за мир.

 

1.Потпишување на меѓудржавни договори подразбира студиозен пристап филтриран во службите за меѓународно јавно право.Таква служба  кај нас  формално постои, споена со конзуларната, што покажува тотално деградирање на двете служби. Со таа служба би требало да раководат најситакнатите правници по  меѓународно јавно право, светски афирмирани. Да наведам дека во поранешниот ССИП со таква служба раководеа  М.Бартош, М. Булајиќ, Б. Бохте и В. Димитријевиќ. Споредба со нашиве е невозможна.

 

2.Основен принцип во меѓународното јавно право е начелото на координација, односно равноправност на субјектите на меѓународното право. Тој принцип уште на почетокот на нашата самосталност беше нарушен (приемот во ОН). Идентитетот не е само минато. Тој е и сегашноста. Потенцирана државност на принципот на рамноправност е дел од нашиот национален идентитет. На тоа имаат право и малите  држави.

 

3.Дипломатија е професија и занает, а не  лакејство и гурбет. Дипломатија служи на државата а не на властодржците. Дипломатија е еснаф со свои познати обележја. Дипломатијата не е партиска во институционална смисла. Не е кантар за персонално балансирање, туку  мера за нашето меѓународно рангирање..

 

4.Уште пред десет години укажував дека  пријателска Бугарија може да ги блокира нашиот влез во ЕУ, поради непризнавањето на нашиот јазик. При тоа  сугерирав да се следи активностста на соработката на Србија,Романија,Бугарија и Грција во рамките на квадрилатерала, со оглед дека по некои наши  идентитетски прашања, можат да имаат усогласени ставови, вклучувајќи ја и неканонската МПЦ. По потпишувањето на Преспанскиот договор  ја цитирав теоријата на Питагора за споените садови, алудирајќи на  некои заеднички додирни точки во договорот за пријателство и Преспанскиот договор. Инсистирање на Софија за дополнување на сегашниот договор за пријателство со некаков анекс во пишана форма, е всушност потврда за мојата опседнатост со Питагора.

 

5.Се разбира дека дијалогот со Софија треба да продолжи. Ултиматуми поставуваат  посилните, а не послабиот субјект. Тоа не значи да не се биде достоиствен и полнокрвен државник. Таква позиција овозможува стабилна и економски јака држава. Португал ќе председава со ЕУ од 01 јануари 2021, а ние сме единствена држава  во регионот кои водат преговори со ЕУ или пак ги очекуваат која нема амбасада во Лисабон, а нпр. имаме во Казахстан или Катар. Но, сепак поранешниот МНР, Димитров верува дека нема да очајуваме, во март ќе не прегрне расцветаниот   Лисабон.

 

6.Треба внимателно да ги анализираме погрешните наши потези. Моменталната бугарска позиција е  сопствена терапија. Еден ден нема да бидат горди за своите покажувања на мускули. За тоа придонесовме и ние самите. Како и со Грците самите не можевме да го решиме проблемот. Кога други решаваат се зависи од  влијателните спонзори кои креираат решение. Нам очигледно ни недостасуваат. И тие декларираните не ги користиме (Израел). Забораваме дека историски гледано Германија па и Франција имаат подобри односи со Бугарија, отколку со СРМ. За нас имаат разбирање, како впрочем и ЕУ, но одлучува интересот. На тој план  нашата дипломатија е беспомоќна. Од март о.г. кога му истекна мандатот на нашиот амбасадор  вратен е експресно од Софија во екот на короната. Му недостасуваа пола година до пензионирањето. Таков не беше случај со неговиот претходник.

 

7.Претеравме со сервилноста и гушкањата  кои престанаа поради короната а и поради промената на  латински  шармантниот шеф  на дипломатијата. Хириргот во тој поглед е лекарски предострожен. Блискоста меѓу политичарите треба да произлегува  не само од нивната харизматичност, туку од реномето и динамиката на нивните контакти. Во спротивно се покажува кафанско одушевување и јавен перформанс  на ,не сокогаш, искреното  пријателство.

 

8.Несинхонизираните изјави на носителите на надворешна политика  додатно ја ерозираат нашата позиција. Медијумското покривање е апологетск двослојно  и води кон нови поделби. Отворените прашања треба да се анализираат синхронизирано. Институтите треба да се вклучени. Решавање на едно прашање не треба да предизвикува појавување на ново. Тоа не  е погрешната терорија на еквидистанца. Тоа е погрешен термин како и неутралноста, која всушност не постоји.

 

9.Кадровите ни се најголем проблем. Тука нема решение. Не проектираме квалитетни кадрови, а имаме потенцијал. Кога се тврди дека нашето МНР разговара со бугарското нпр. на тема патоказ за имплементација на договорот, никако да разбереме кои се членовите на нашиот тим, а и на бугарскиот.Тоа барем не е тајна.

 

  1. Во шахот во цајтнотот се прават груби грешки. Ние такви прилики не пропуштаме. Последен случај со именување на специјален претставник на владата за Бугарија, во ликот е делото на професорот по римско право , В. Бучковски. Пак грешка, не можеби персонална, ама задоцнет потег со веројатно неусогласени инструкции. МНР, Османи изјави дека тоа бил негов предлог прифатен од владата (плеонизам). Дали е консултиран и претседателот Пендаровски?. Терминот Special Envoy кај нас не е прецизно дефиниран и често се дуплира како нпр. во случајот на Еленовски, кој поред жив и прилично здрав амбасадор, беше специјален пратеник за НАТО во Брисел. Ако пак Бучковски е планиран за иден амбасадор во Софија, а во меѓувреме да биде олеснувач , пак е погрешно, бидејќи продолжува нашиот изум (не е уште патентиран) бидејќи после  позициите во МНР, Црвенковски, Малески и Ханџиски, станаа амбасадори во Лондон, Њујорк, Атина , односно Софија. Сега можеби и поранешниот премиер ќе има резиденција на Витоша.

 

Сретна Нова 2005 година.

 

 

09.12.2020

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close