Бранко Азески се чуди зошто бизнисмени се сметаат за „сомнителни ликови“ во Македонија
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, изрази чудење за обичајот „поединечни успешни примери“ на деловни луѓе во државата да се сметаат или да бидат гледани во јавноста како „сомнителни ликови“. Тие, според долгогодишниот прв човек на Комората, требало да станат „пример за секој млад човек“.

„Што е тоа што ние имаме во бизнисот? Ние имаме поединечни успешни примери кои се исклучок од просечноста. Е, токму тие успешни примери по правило, кај нас се „сомнителни ликови“ за јавноста и потенцијални противници на секоја политичка номенклатура. Наместо да станат пример за секој млад човек, тие личности се изложени на јавната сцена како објекти кои треба да се правдаат зашто се успешни. Звучи неверојатно, но вистинито“, вели Азески во објавата на ФБ-страницата на Стопанската комора, придружена од негова фотографија, на која е исклучена можноста за коментирање.






