БРЗА ПЉАЧКА

Што сме се фатиле со Слупчане во кое не можеле да влезат екипи на ЕВН да сменат струјомери, кога оваа власт нема ефективна контрола ниту во центарот на главниот град. Две кафеани со години малтретираат илјадници граѓани со гласна музика и ништо не им може ни локалната ни централната власт. Едно село и две кафеани се лицето на корумпираната власт во европска Македонија.

Оди некаде во ЕУ и кажи им на гласачите дека во населба за живеење треба да има кафеани што малтретираат со гласна музика до рано наутро. Нека оди, на пример во Берлин, инспектор за бучава да им каже на станарите – затварајте си ги прозорците среде лето за да измерам децибели, оти законот така вели, а газдата на кафеаната нема да ми го прифати мерењето ако прозорците ви се отворени. Замислете во Париз газда на кафеана што малтретира илјадници станари со гласна музика да им понуди на комшиите пијачка со попуст. Не можете да спиете? Па дојдете си кај нас поевтино да пиете.

Што? Во Берлин да не нема забава?

Не е никаков проблем тоа што има кафеани среде резиденцијален дел во центар на главен град или во густо населена населба за живеење. Секаде низ ЕУ има такви кафеани. Проблем е што кога кафеаниве секој ден до сабајле пуштаат гласна музика, кога треба да им се пуштат инспектори, или не дај боже да се казнат, раката им се тресе и на локалните и на државните политичари. Па дури и ако случајно се одважат да им пишат казна, казната им е преполовена ако платат во рок од осум дена. И никогаш не знаеме дали ја платиле.

На толку фалење на локалната власт дека излегла инспекција, како не се најде барем еден градоначалник да иницира законски измени во казнувањето – ако три пати те казнат за ист прекршок, да ти ја земат лиценцата за работа. На толку попување со ЕУ стандарди на централната власт, како никој од овие европскиве министри и пратеници нема храброст да предложи закон според кој не може кој било дуќан да врши каква било дејност. Не може да има кафеана во секоја зграда. Ниту пржилница на риби. Денес фризерница, утре ќебапчилница. Денес козметички салон, утре месарница со фрижидери од чија бучава тресе во сите станови. Во ист контејнер и ѓубрето од станарите и недојадените порции од муштериите во кафеаните и картонските амбалажи од самопослугите.

Што вика европскиот фронт од власта? Во ЕУ може така?

Да не навлегуваме во дебата зошто власта е немоќна да се справи ниту со две кафеани, а не пак со цело село. Самата си знае од каде ја црпат моќта кафеанџиите. Ме интересира човечката димензија на ова малтретирање на станарите. Можат ли овие што малтретираат цели населби со гласна музика до сабајле на момент да си помислат дека некој комшија хирург што тие го оставиле ненаспан цела ноќ утре ќе им оперира некој близок? Или дека возач на автобус што не можел да спие со затворени прозорци на 40 степени во август, утре ќе им ги вози децата на екскурзија?

Целата колумна на Горан Михајловски ТУКА 

Back to top button
Close