Бугарија ја поддржа Албанија за преговори со ЕУ

Министерството за надворешни работи на Бугарија попладнево ги соопшти причините зошто ја блокирала уште еднаш Македонија во ЕУ и објави дека нејзиниот претставник на седницата на Советот за општи работи во Луксембург го поддржал отворањето на преговорите со Албанија.

Заменикот-министер за надворешни работи, Румен Александров, им соопштил на неговите европски колеги дека Софија била „отворена за конструктивен дијалог со претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање меѓусебни прифатливи решенија во врска со Северна Македонија“.

Во соопштението се додава: „Ова вклучува експлицитно откажување на Република Северна Македонија од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи/споменици кои влеваат омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија, активирање на процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам репресирани заради бугарската самосвест. Без оглед на нашиот билатерален дијалог со Република Северна Македонија, Бугарија инсистира на тоа дека спроведувањето на Договорот за соседство од страна на Република Северна Македонија да биде вклучено меѓу условите во идната рамка за преговори за пристапување на Скопје во ЕУ“, рекол заменик- министерот Александров.

Бугарија ги пофали достигнувањата на Албанија во реформскиот процес и ја потврдила поддршката за усвојување на рамката за преговори на Тирана со ЕУ.

Back to top button
Close