Бугарија потврди дека добила барање за меѓународна потрага по Ива Михаилова, но потсетува дека може да одбие екстрадиција на свој граѓанин

Screenshot
Бугарските власти засега не презеле активности за утврдување на локацијата на Ива Михаилова, по која Македонија побарала меѓународна потрага со цел апсење и екстрадиција. Бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека Михаилова е државјанка и на Бугарија и на Македонија, посочувајќи дека меѓународните и домашните правни одредби предвидуваат можност за одбивање екстрадиција на сопствени државјани, пренесува бугарски медиум.

Според информациите што ги објавија бугарските медиуми, на 13 октомври во 19:38 часот Дирекцијата за меѓународна оперативна соработка при бугарското МВР добила известување од Интерпол – Скопје со барање за меѓународна потрага по Михаилова.

Во известувањето било наведено дека таа е обвинета за кривично дело поврзано со прекршување на сообраќајните правила, предвидено во член 300 од Кривичниот законик на Македонија. Истиот ден, на 13 октомври 2026 година, судот во Кочани издал наредба за нејзино апсење.

Сепак, бугарското МВР нагласува дека досега не е издаден црвен билтен од Интерпол за Михаилова и дека бугарските власти не презеле активности за утврдување на нејзината локација на територијата на Бугарија.

Во врска со евентуалната екстрадиција, бугарските власти се повикуваат на член 25, став 4 од Уставот на Бугарија. Според оваа одредба, бугарски државјанин може да биде предаден на друга држава или на меѓународен суд заради кривично гонење само доколку тоа е предвидено со меѓународен договор што е ратификуван, објавен и стапен во сила за земјата.

Бугарското МВР се повикува и на член 6, став 1а од Европската конвенција за екстрадиција, според кој секоја договорна страна има право да одбие екстрадиција на свои државјани.

Засега нема информации дека во Бугарија се преземени мерки за апсење на Михаилова, ниту дека е донесена одлука за нејзино евентуално предавање на македонските власти.

Back to top button
Close